• недела, 01 февруари 2026

Совет за надворешни работи на ЕУ посветен на Украина, Блискиот Исток и ДР Конго

Совет за надворешни работи на ЕУ посветен на Украина, Блискиот Исток и ДР Конго

Брисел, 29 јануари 2026 (МИА) – Најновиот развој на настаните поврзани со руската агресија врз Украина и ситуацијата на Блискиот Исток и во африканскиот регионот на Големите езера ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ.

Советот, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ќе започне со неформална дискусија на шефовите на дипломатиите за перспективите на надворешната политика за 2026 година.

По ова Советот ќе ги разгледа најновите случувања поврзани со руската воена агресија врз Украина. На почетокот на расправата на европските министри преку видеоконференциска врска ќе им се обрати нивниот украински колега Андриј Сибиха.

Предвидено е дискусијата да се фокусира на тековните мировни преговори, европската поддршка за Украина и за понатамошно зајакнување на притисокот врз Русија.

Во продолжение Советот ќе ја разгледа ситуацијата на Блискиот Исток во светлина на најновите случувања, со посебен осврт на настаните во Иран и во Сирија, по што ќе следи размена на мислења за состојбата во африканскиот регион на Големите езера, со фокус на ескалацијата на насилството во источниот дел на Демократска Република Конго.

За време на работниот ручек, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ќе имаат неформална размена на мислења со високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк.

По состанокот на Советот за надворешни работи ќе следи заседание на Советот за асоцијација на ЕУ и Мароко. сп/ми/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан