• вторник, 26 ноември 2024

Советот на општина Пустец го поддржа барањето на МАЕИ за поставување биста на Гоце Делчев на истоименот плоштад во Пустец

Советот на општина Пустец го поддржа барањето на МАЕИ за поставување биста на Гоце Делчев на истоименот плоштад во Пустец

Тирана, 28 февруари 2024 (МИА) - Советот на општина Пустец, ја поддржа иницијатвата и барањето на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, за поставување биста на Гоце Делчев на плоштадот во село Пустец, што го носи неговото име.

Иницијативата е ставена на јавна расправа и се очекува на крајот на идниот месец советниците да донесат одлука за поставање на бистата на авторот Зоран Тошевски, донација од МАЕИ, и има за цел да биде составен дел од културно-историскиот пејсаж на преспанскиот крај.

-Оваа иницијатива доаѓа со цел да се оддаде и овековечи споменот на Гоце Делчев, македонскиот херој и клучна фигура на македонското револуционерно движење. Со својот живот и дело стана апостол за Македонците и неговиот спомен се пренесува од колено на колено не само кај Македонците од Албанија, туку и секаде во светот каде што живеат, вели Васил Стерјовски, претседател на партијата.

Додава дека од многуте песни кои се пеат меѓу Македонците во Албанија за ослободувањето на Македонија, а кои потекнуваат од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век во многу од нив опеан е Гоце и тие сеуште се пеат во Мала Преспа.

-Заслуга за зачувувањето на споменот за Гоце Делчев меѓу Македонците од Албанија има и големиот писател од македонско потекло Стерјо Спасе, кој во своите романи издадени во Албанија ја опишува соработката на македонските и албанските револуционери за ослободување од турското ропство и улогата на Гоце Делчев. Дека споменот за Гоце е вечен потвда е и фактот што во 1988 година, на иницијатива на Васил Папа од село Туминец, областа на Преспа, рибарскиот брод за риболовното претпријатие во Преспа го добил името „Гоце Делчев“, додава Стерјовски.

Посочува дека по распадот на комунистичкиот систем на Енвер Хоџа и појавата на демократските процеси, Македонците од Албанија се организираат во културни, општествени и политички организаци и името на Гоце Делчев станува симбол на борбата за човекови права на Македонците од Албанија.

-Неговата фотографија е поставена во македонските домови, во училиштата, кафаните, на разни манифестации и друго. Песни за Гоце Делчев се пеат на разни веселби, свадби, прослави. Учениците во училиштата рецитираат стихотворби за Гоце Делчев. На ѕидовите во гимназијата во Пустец се поставени паноа со македонски дејци, меѓу кои и Гоце Делчев и испишана е неговата епохална изјава за неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите, прикачени се творби на македонски јазик за Гоце Делчев од ученици. Името Гоце и Александар се најпопуларни имиња меѓу Македонците во Преспа, нагласува тој.

Во 2008 година Советот на општина Пустец едногласно донесе одлука со кој плоштадот во Пустец го доби името „Гоце Делчев“ а поставувањето на оваа биста, според Стерјовски, ќе биде важен додаток на заедницата и ќе придонесе за зачувување на македонското културно наследство и идентитет во регионот. вт/сст

Фото: МАЕИ

Остани поврзан