• петок, 20 декември 2024

Советот на ЕУ повика на ратификација на Конвенцијата за заштита од насилство и вознемирување на работа

Советот на ЕУ повика на ратификација на Конвенцијата за заштита од насилство и вознемирување на работа

Брисел, 18 септември 2023 (МИА) – Советот на ЕУ денеска усвои одлука со која се повикуваат земјите членки на Унијата да ја ратификуваат Конвенцијата за насилство и вознемирување, усвоена од Меѓународната организација на трудот.

-Оваа одлука на Советот го отвора патот земјите членки да ја ратификуваат Конвенцијата. Нашата заложба за вистинска и ефективна еднаквост и недискриминација е недвосмислена и ѝ овозможува на ЕУ да ги спроведе политиките за заштита и еднакви права на мажите и жените, изјави шпанската министерка за труд и социјална економија Јоланда Диаз Перез, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ.

Според Европскиот совет, насилството и вознемирувањето на работното место е широко распространета и постојана појава низ целиот свет, при што повеќе од едно од пет лица доживеале насилство или вознемирување на работа, без разлика дали тоа е физичко, психичко или сексуално, при што жените се особено изложени на ризик.

Конвенцијата за насилство и вознемирување е првиот меѓународен инструмент кој ги утврдува минималните стандарди за справување со вознемирувањето и насилството поврзано со работата.

-Оваа Конвенција ќе помогне да се промовираат пристојна работа за сите, заштита на здравјето и безбедноста при работа и родовата еднаквост и ќе помогне во борбата против дискриминацијата, додава Советот на ЕУ.

Со оваа одлука, земјите членки се повикуваат да ги ратификуваат деловите од Конвенцијата кои конкретно се однесуваат на подобрување на работната средина за заштита на здравјето и безбедноста на работниците и еднаквоста меѓу мажите и жените во однос на вработувањето. сп/јт/

Остани поврзан