• сабота, 23 ноември 2024

Советот на амбасадори за руско-украинскиот конфликт

Советот на амбасадори за руско-украинскиот конфликт
Скопје, 16 февруари 2022 Дали неизвесноста на границата на Украина со Русија што со денови и недели го држи светскиот мир во заложништво и искушение невидено во последниве неколку децении, е надвладеана или е тоа макар само почеток на дипломатијата "чекор по чекор" до мирно решение? Дали повлекувањето на првиот руски контингент војници од границите со Украина е почеток на крајот на можниот воен конфликт или е само тактички потег од некоја поинаква стратегија? Гласот на дипломатијата, во секој случај, за целиот свет звучи подобро од звекетот на оружјето во каков и да е евентуален воен конфликт и внесува извесен односно умерен оптимизам во контекст на можната разврска на ова крајно сериозно политичко и безбедносно прашање. Совет на амбасадори особено ги цени како добра основа за подолгорочно решение на руско-украинскиот конфликт, политичките и дипломатските напори на двете инволвирани страни, но и на другите клучни чинители на европската и светската политичка сцена. Советот препознава сериозен државнички пристап во најновите политички потези и одлуки на рускиот претседател Путин, но и во дипломатските напори на францускиот претседател Макрон, на германскиот канцелар Шолц, на Европската Унија и на НАТО, особено и во политиката на внимателно предупредување на американскиот претседател Бајден за крајно сериозните последици на евентуалната воена ескалација на конфликтот. Водечките светски државници, овој пат одиграа ризична партија во интерес на граѓаните на Украина, Русија, на регионот, но и пошироко, на Европскиот континент, па и на светот. Советот на амбасадори сака да верува дека трендот на попуштање во руско-украинските односи не е само од привремен карактер, дека оваа сериозна лекција од глобалната политика е совладана и дека и некои идни сериозни искушенија по мирот во кој и да е дел на светот, може да се совладуваат со слични политичко-дипломатски излезни решенија. Извршен одбор на Совет на амбасадори _______________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан