Советниците од СДСМ во Град Скопје бараат вонредна седница заради проблемот со приватните превозници
- Советниците на Град Скопје од редовите на СДСМ бараат од претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, да свика вонредна седница заради сериозноста на проблемот со приватните превозници, соопштуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) — Советниците на Град Скопје од редовите на СДСМ денеска побарале од претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, да свика вонредна седница заради сериозноста на проблемот со приватните превозници.
Во партиското соопштение се наведува дека граѓаните се соочуваат со недостиг на јавен превоз, поради префрлање на одговорноста за тоа кој е виновен и кој треба да го реши проблемот.
– Додека претседателот на Советот, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска си ја префрлаат топката кој е крив и кој треба да го реши проблемот, скопјани повторно се оставени на цедило да кубурат со нередовен и дотраен јавен превоз. Наместо да се грижат за граѓаните, ВМРО ДПМНЕ три години се кара и води инает со градоначалничката Арсовска, истата која ја промовираа за најдобра менаџерка и ветуваа дека Скопје ќе биде модерна метропола, со бесплатен превоз и нови 250 автобуси, се наведува во соопштението.
Според опозициската СДСМ, одговорноста за состојбата со јавниот превоз е директна вина на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои велат „во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови еко автобуси“.
– Одговорноста за хаосот со јавниот превоз во Скопје е директна вина на советниците на ВМРО ДПМНЕ кои во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови еко автобуси. Дури сега се сети премиерот Мицкоски да набавува само 100 автобуси, за кои да биде поголем апсурдот, не се предвидени пари во новиот Буџет. Советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје, повикува итно да се свика вонредна седница и да се реши проблемот со приватните превозници, овој превоз им е потребен на граѓаните. Воедно, ги повикуваме сите останати советници да ја поддржат иницијативата, се наведува во соопштението. ра/ев/
Фото: МИА архива