• сабота, 23 ноември 2024

Собранието ги верификува мандатите на 118 пратеник

Собранието ги верификува мандатите на 118 пратеник

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) – Собранието во рамки на конститутивната седница со 101 глас „за“ од вкупно 117 присутни го усвои извештајот на Верификационата комисија и со тоа ги верифицира мандатите на 118 пратеници. Со тоа им престана мандатот на пратениците од стариот собраниски состав. На новите пратеници кои се носители на други функции исто така им престана функцијата. На вкупно шест пратеници им прекинува функцијата во Владата заради што Владата ќе ги извршува само техничките функции до изборот на новата влада.

Претседателката на Верификационата комисија Дафина Стојановска рече дека Комисијата ги разгледала извештаите на Државната изборна комисија за изборите и дополнителните избори во изборните единици 5 и 6 и изјавата на Биљал Касами во која тој бара да не му се верифицира неговиот мандат и дека врз основа на тоа за пратеници се избрани вкупно 118 пратеници.

Димитар Апасиев од „Левица“ забележа дека извештајот на ДИК не соодветствува со извештајот на Верификационата комисија и го оспори барањето на Касами за кој рече дека свесно потпишал оти ќе учествува во изборната трка и добил уверение од ДИК за пратеник и дека не може да се откаже од нешто што го нема.

- Касами е избран за пратеник и по сила на законот сега треба да има избори за градоначалник на Тетово. На пратеник му истекува мандатот и може да му биде одземен само според Уставот. Пратеник може да поднесе оставка, но на собраниска седница. Собранието треба да му одземе мандат, а не Верификационата комисија како што направивте вие, рече Апасиев.

Побара одговор зошто Верификационата комисија ја констатирала оставката на Касами, а не Собранието.

Талат Џафери, кој ја извршува функцијата премиер во техничката Влада, рече дека не може да има две функции во исто време и дека од таа причина нема да учествува во работата на Собранието до изборот на новата влада. вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан