• сабота, 23 ноември 2024

Случај црква Св. Петка во Галате: Обвинителство демантира дека издало наредба за приведување

Случај црква Св. Петка во Галате: Обвинителство демантира дека издало наредба за приведување

Гостивар, 10 септември 2024 (МИА) – По случајот кој го привлече вниманието на жителите во гостиварско дека се приведени неколку лица кои изведувале градежни работи во близина на црковен објект, од Јавното обвинителство информираат дека не издале наредба за приведување или задржување лица. Од обвинителство посочуваат дека станува збор за невистинити информации кои се споделуваат на социјалните мрежи и биле преземени од повеќе медиуми. Од МВР најавија соопштение за појаснување на настанот и нивното делување.

Во соопштението од Основното јавно обвинителство Гостивар се наведува дека биле известено од надлежните дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат.

- Работите се прекинати, а по насоки на јавен обвинител денес полициски екипи ќе извршат увид на самото место со цел да се утврди каков е статусот на објектот и работите кои се извршувале, како и дали во целиот настан воопшто има елементи на кривично дело, стои во соопштението на ОЈО Гостивар.

Според информациите на локалните жители на селото Галате и нивните објави по социјалните мрежи, вчера започнала доброволна акција за уредување на просторот околу црквата Св. Петка која се наоѓа во непосредна близина на регионалниот пат што минува низ општина Врапчиште. Овој објект е опожарен и целосно оштетен во внатрешноста во дејствијата во конфликтот од 2001 година. Оттогаш стои запуштен и нефункционален.

Од СВР Тетово најавија дека во текот на денот ќе дадат информации за делувањето на местото и какви мерки презеле. згм/сст/

фото ФБ

 

 

 

Остани поврзан