Следниот повеќегодишен буџет и декемврискиот Самит на ЕУ главни теми на денешниот ГАК
- Предложената Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година и подготовките за Самитот на Унијата предвиден за 18 и 19 декември, ќе бидат главни теми на денешниот состанок на Советот за општи работи (ГАК) на блокот.
Брисел, 17 ноември 2025 (МИА) – Предложената Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година и подготовките за Самитот на Унијата предвиден за 18 и 19 декември, ќе бидат главни теми на денешниот состанок на Советот за општи работи (ГАК) на блокот.
Според најавите, состанокот ќе започне со дискусија за утврдување на дневниот ред на декемвриското заседание на Европскиот совет, кое ќе ги собере шефовите на држави или влади на членките на Унијата.
Во продолжение на средбата министрите или државните секретари на земјите членки на ЕУ ќе одржат и политичка дебата за предлогот на Европската комисија за следниот повеќегодишен буџет на Унијата.
Европската комисија во рамки на состанокот на ГАК пред министрите ќе ја претстави и својата работна програма за 2026 година, по што ќе следи размена на мислења по презентираниот документ.
За време на работниот ручек министрите ќе одржат неформална дискусија за односите на ЕУ со Велика Британија.
Пред почетокот на состанокот на ГАК, со кој ќе претседава данската министерка за европски прашања Мари Бјере, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, ќе се одржи седмата Меѓувладина конференција од пристапните преговори меѓу Албанија и Унијата. сп/ссм/
Фото: МИА Архива