• недела, 21 декември 2025

Сиљановска-Давкова го прими актерот Едмонд Сотир

Сиљановска-Давкова го прими актерот Едмонд Сотир

Скопје, 5 јуни 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Едмонд Сотир, актер, основач и организатор на фестивалот „Македонско Културно лето“, којшто годинава по 20-ти пат ќе се одржи во Преспа, општина Пустец во Албанија.

Честитајќи го дведеценискиот јубилеј, Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакнала дека фестивалот е исклучително важен, не само за Македонците коишто живеат во Албанија, туку и за сите Македонци каде и да се. Со него, како што посочила таа, и покрај сите предизвици на македонското малцинство во Албанија, се негува македонската традиција, култура и идентитет, надвор од границите на државата.

На средбата, Сотир ја запознал претседателката со досега утврдената програма и истакнал дека овогодинешното издание на фестивалот „Македонско Културно лето“ ќе се отвори на први јули со учество на маестралниот музичар и професор Драган Даутовски.

Соговорниците разговарале и за финансиските предизвици со коишто се соочува фестивалот, како и за неконзистентноста и дисконтинуитетот на поддршката од македонските и од албанските државни институции.

Изразувајќи подготвеност за поддршка, Сиљановска-Давкова посочила дека, ќе најде модул за оддавање признание на фестивалот за посебен придонес во промоцијата на македонската култура во странство. дма/вг/

 

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова 

Остани поврзан