• сабота, 23 ноември 2024

Сите основни училишта во Кисела Вода се опремени со дигитални табли

Сите основни училишта во Кисела Вода се опремени со дигитални табли

Скопје, 6 мај 2022 (МИА) - Сите основни училишта во Кисела Вода се опремени со дигитални табли - покрај тие што  веќе се користеа во наставниот процес, обезбедени се и преку проектот „Поддршка на образовниот процес и стимулирање на дигиталните вештини на учениците во основните училишта во Општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода“.

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски при денешната посета на ОУ „Круме Кепески”, кое е едно од училиштата што доби смарт-табли со овој проект, истакна дека осовременувањето на училиштата преку стимулирање на дигиталните вештини е поставено високо во приоритетите на Општина Кисела Вода. 

Тој се заблагодари на Центарот за развој на Скопскиот плански регион и на директорот на оваа институција, Љупчо  Мицковски, со кого го посети училиштето, за тоа што е овозможен  проект со кој се обезбедени дополнителен број дигитални табли во општинските училишта кои го унапредуваат наставниот процес. -Со оваа донација од 16 смарт табли, училиштата сега се опремени со 43 дигитални табли и 75 смарт телевизори. Поддршката за вакви проекти кои значат подобрување на условите во училиштата е секогаш добредојдена, но  сакам да нагласам дека непрекинато течат и нашите сопствени инвестиции во речиси сите училишни објекти. По спроведувањето на проектот „Компјутер за секој наставник”, со кој Општина Кисела Вода преку донации обезбеди компјутер за секоја училница од сите 11 училишни објекти, во финална фаза се реновирањето на училишната спортска сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња, изградбата на две сензорни соби во ООУ „Кузман Шапкарев и во ООУ „Кузман Јосифовски Питу. Во овој објект веќе е завршена и замената на кровната конструкција и фасадата, а сега следува и изградба на лифт за деца со посебни потреби, пристапни рампи, специјални тоалети, дактилни патеки кои овој објект ќе го направат првото целосно инклузивно училиште во Скопје, изјави Ѓорѓиевски. 

Проектот „Поддршка на образовниот процес и стимулирање на дигиталните вештини на учениците во основните училишта во Општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода“ се спроведуваше во изминатите два месеца.

Носител на проектот е Центар за развој на Скопски плански регион, кој со финасиски поддршка од Владата, преку Министерство за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, овозможи снабдување со 54 дигитални табли во27 училишта во трите општини. хс/ац/ 

Остани поврзан