• сабота, 23 ноември 2024

Системот ги остави на „суво“ жртвите на мобинг

Системот ги остави на „суво“ жртвите на мобинг

Штип, 13 ноември 2022 (МИА) - Над 20 години, секојдневно била свиткана на 30 санитимери од машината за шиење. Марија Јованова е една од текстилните работнички кои трпеле мобинг во фабричките хали.

-Има луѓе, газди, работници, претпоставени, шефови, мајсторици, што едноставно не ја ни вклучуваат културата на некое ниво, домашното воспитание, па така тоа се претвара во еден мобинг, што е ниезбежен во работата. Едноставно секогаш било со повисок тон и со не толку погрдни зборови, али пцости и клетви што викаме ние народски, ДА, вели Јованова за МИА.

Мобинг е појава на психичко малтретирање на работното место, кое се повторува низ активности чија цел е деградација на работните услови на работникот, кои може да предизвикаат повреда на човековите права и достоинството, да наштетат на психичкото и телесно здравје и да ја компромитираат професионалната иднина на жртвата.

Во македонската правна терминологија за поимот „мобинг" се употребува изразот "вознемирување на работното место". Милан Петковски претседател на Македонското здружение за заштита при работа вели дека едноставно објаснето мобингот е пред се недолична комуникација.

  -Што е заедничко на сето ова што го наброивте? Комуникација. Значи ако имате недолична, промашена, несоодветна комуникација ќе ги имате сите овие елементи кои ги набројавте, рече  Петковски за МИА.

Работниците освен што трпат мобинг, преку исмејување, навредливи зборови, од своите претпоставени можат да добијат и работни задачи кои се понижувачки и не се соодветни на степенот на образование. Анализите и податоците на македонските институции покажуваат дека најхрабри да го пријават мобингот, но и дискриминација на работно место се вработените во администрацијата. Директорката на Државниот трудов инспекторат, Весна Томовска за МИА вели во текот на годината до Државниот трудов инспекторат се пристигнати над 50 претставки за мобинг.

-Од аналитичката обработка на извештаите доставени од страна на инспекторите најмногу имаме во секторот трговија и во јавниот сектор. Во делот на половата структура има, речиси баланс, вели Томовска.

И податоците на Комисијата за заштита од дискриминација потврдуваат дека вработените во администрацијата се тие коишто го пријавуваат мобингот, во споредба со работниците од реалниот сектор. Игор Јадровски од Комисијата за МИА потенцира дека мора да се направи разлика меѓу мобинг и дискриминација на работно место. Комисијата за заштита од дискриминација лани добила најмногу претставки токму по основот дискриминација на работното место.

-Значи работниците, коишто се вработени во јавниот сектор многу почесто се охрабруваат да поднесат барање за заштита од вознемирување на работно место, за разлика од работниците, работничките, кои се вработени во приватниот сектор. Тоа е баш очигледна разлика, многу е поголем овој број на вработени во јавниот сектор, вели Јадровски.

Сепак според експертите и оние кои директно работат со заштита на работниците сметаат дека работниците мобингот го препознаваат откако ќе го изгубат работното место.

-Мислам дека концептот на мобинг не е доволно познат кај работниците, најчесто се на пример во ситуации да говорат за него или вознемирувањето на работно место, кога навистина ќе се случи и кога ќе го изгубат работното место. Се до моментот кога тоа не се случи, работниците тешко го препознават и мислам дека и самиот систем го има конципирано така и секој може да го толкува дека е вознемирување или невознемирување на работно место, рече Петковски.

Васка Лешоска истражувач во Реактор-Истражување во акција за МИА нагласува дека во фабричките погони, на работните места има и сексуално вознимирување.

-Она што во најголем број од случаевите, останува непријавено е сексуалното вознимирување на работното место, кое неретко се тривијализира како хумор од надредените, колегите. Во мнозинството од случаите, оној којшто го прави вознемирувањето најчесто е маж и на надредена позиција, истакна Лешоска.

Судски постапки има, траат со години, а работниците мобингот тешко го докажуваат пред институциите. Невладините, синдикатите, но и самите институции побараа нов Закон за мобинг, на кој веќе се работи. Маја Ристова адвокат, која зад себе има неколку судски постапки, кои пред судовите докажале дека работник или работничка трпела мобинг беше вклучена во изготовката на новиот Закон за мобинг.

-Јас бев експерт во таа работна група, односно експерт од Министерството за труд и социјална политика. Работев на таа верзија и можам да коментирам само за таа работна верзија. До крајот не знаеме која ќе биде финалната верзија на тој Закон, меѓутоа оваа којашто беше работна верзија од работната група има доста новини коишто верувам дека ќе донесат позитивен исход и други позитивни примери и судски пресуди во корист на жртвите, вели Ристова за МИА.

Здружението „Гласен Текстилец“ изминатите години има добиено повеќе претставки од работнички кои трпеле мобинг или вознемиравње на работното место. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ за МИА вели дека имаат кампања меѓу текстилните работнички да го препознаваат мобингот. Но, актуелното законско решение не оди во прилог на жртвите.

-Сметам дека моментално што се вели во Законот дека шест месеци треба една работничка да го трпи мобингот, па подоцна да го пријави истиот, па дека треба претходно да поднесе до самиот и до оној којшто го врши мобингот да поднесе, прекине со мобинг мислам дека тоа воопшто не е во ред, рече Ампева.

Ристова, пак, додава дека можеме да имаме и најголема казна, меѓутоа „ако Државниот инспекторат прави надзор и притоа сето тоа заврши со опомена, залудно имаме ние високи казни или да имаме супер изготвен Закон на хартија, ако немаме имплементација во самата пракса“.

Додека се кројат новите Закони за мобинг и за работни односи, работниците си заминуваат од реалниот сектор. Бројките се поразителни, една од нив која си заминала и веќе не работи во текстилните конфекции е и Јованова. 

-Едноставно преживуваш во текстилна индустрија. Затоа ја сменив брашната на стари години што викаме, се учиме на се и сешто, се одлучив во друга брашна. Фала ти Господи, вели поранешната текстилна работничка Марија Јованова во разговор за МИА.

 Викторија Димитрова-Јованова

Сниматели и монтажа : Трајан Ристовски и Ангел Атанасовски

Остани поврзан