• недела, 15 декември 2024

Силјановска Давкова од Крушево: На 24 април се случи политички земјотрес, на 8 мај ќе има политички вулкан

Силјановска Давкова од Крушево: На 24 април се случи политички земјотрес, на 8 мај ќе има политички вулкан

Крушево, 26 април 2024 (МИА) - Мојот тек на кампањата е женски, ама витешки. Јас не го анализирам кандидатот, туку говорам за тоа што ќе го правам, говорам за тоа што не го направил, говорам за тоа што мора да го направиме. На 24 април се случи политички земјотрес, на 8 мај ќе има политички вулкан, рече кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова од пред Македониумот во Крушево.

-Реков дека на 24 април ќе се случи политички земјотрес и мислам дека погодив. На 8 мај очекувам политички вулкан, зашто оваа земја заслужува да биде пристојно место за живеење. Крушево заслужува да биде град кој сите ќе сакаат да го видат. Град на среќни граѓани и весели деца, како некогаш, рече Силјановска Давкова.

Порача дека не агитира и додаде дека гласот е на граѓаните и треба да го искористат токму граѓаните.

-Вие знаете кому да го дадете. Искористете го, немојте да го оставите настрана, зашто тој значи одлука. Кога ќе гласате, помислете на Македониумот, на Тоше, на овој волшебно убав град кој мора да „врие“ од луѓе за да видат дека ние имаме многу градови што може да бидат градови на културата, на уметноста, на историјата. Ветувам дека ќе сторам се овој град да го видат и другите. Не се осмелувам да навивам, овде, пред Македониумот. Но, еве, за сите Македонци, за сите крушевчани и за сите граѓани на Македонија, без оглед на каква било припадност, мислам дека доволно кажува зборот Македониум, посочи Силјановска Давкова.

Според неа, Крушево е заборавен, а културата и уметноста се неискористени.

-Дали навистина ние треба да стоиме гордо пред Македониумот, или треба да имаме грижа на совест, бидејќи кога ќе застанете пред Македониумот треба да знаете што значи тоа низ историјата и денеска. Се чудам како може овој град да остане вака заборавен. Видов напуштени куќи кои итно треба да се „стокмат“. Се восхитив на крушевчанки  и кога ќе чуете дека тие предмети завршуваат, замислете, кај Версаче,  сфаќате дека нашата предност е дека е тоа неискористена култура, уметност. Овде знам дека може спортот да се одвива. И, кога уште ќе чуете дека овде се потомците на Питу Гули, на Карев, одвај ги задржувате солзите, посочи Силјановска Давкова. ем/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан