• вторник, 19 ноември 2024

Силјановска Давкова: Мора да се справиме со мафијата вгнездена на највисоките позиции

Силјановска Давкова: Мора да се справиме со мафијата вгнездена на највисоките позиции

Скопје, 21 април 2024 (МИА) - Сите држави имаат своја мафија, ама во Македонија има опасност мафијата да има своја држава! Битката со мафијата мора да биде бескомпромисна, многу е тешка, но мора да почне, оти криминалот и корупцијата се системски. А, ликови што наликуваат на оние од мафијата се вгнездени на највисоките позиции и тие со чинење или со нечинење, со гледање и помагање се исто така соучесници, истакна претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот митинг во Аеродром.

-На почетокот од 2000 година, Роберт Хајслоп ќе рече: „Сите држави имаат мафија, ама на Балканот има опасност мафиите да имаат свои држави“. Сега кога ги гледам состојбите со корупцијата и криминалот, барам некаков излез, читам дека во Италија на времето донеле еден закон против мафијата и сега го препорачуваат. И да, она што всушност е дел од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е дека битката со мафијата мора да биде бескомпромисна, дека битка со мафијата е многу тешка, но мора да почне оти криминалот и корупцијата се системски, рече Силјановска Давкова.

Таа посочи дека изборите на 24 април доаѓаат како предигра бидејќи тогаш работите ќе се разјаснат, а целосно ќе се расчистат на 8 мај.

- Мислам дека на 8 мај ќе биде запечатена една тешка, грда фаза од владеењето и ќе започне една нова реформска фаза. За тоа навистина се потребни умни, чесни и посветени луѓе. Луѓе кои државните и национални интереси ќе ги стават пред било кои други. Луѓе кои како одважни и достоинствени, ќе бараат од големите и средните држави, па и од ЕУ и сите држави внатре, заслужена почит. Луѓе кои ќе бараат и ние да итаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми. Да не се занимаваме и да го губиме времето на докажување дека сме тие што сме. Да барате од некого да докаже дека е човек, дека е жена, дека е Македонец е непристојно, порача Силјановска Давкова на митингот во Аеродром.

Таа се осврна и на денешниот митинг на СДСМ и нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски пред ЕУ инфо центарот во Скопје.

- Денеска чув дека одржале митинг пред Европската комисија, зградата, веројатно не случајно, се прашувам дали е можеби тоа протест против европската политика или можеби молат да останат на власт со нивна поддршка заборавајќи дека нам сертификати не може да ни даваат. Сиот респект кон ЕУ, НАТО и САД, но онаа чудна Бујарова идеја денеска го прашав ‘да не имате вие намера, за претседател се кандидирате или се кандидирате за генерален секретар на НАТO?’ Сертификатот ние го бараме од граѓаните и ќе го добиеме од нив, ама за вас не сум сигурна, рече Давкова, додавајќи оти претставувањето како европски претседател е непозната функција.

Лидерот на на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, на митингот во Аеродром порача дека претстојните избори се референдумско изјаснување на македонските граѓани за повторно да си ја вратат државата. Тој очекува изборна победа и на 24 април и на 8 мај, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да освои 61 пратеник и да дојде до промена на власта.

Мицкоски кажа дека е убеден оти она што ќе се случи по 8 мај ќе биде ослободување на Македонија и обединување околу пет важни принципи.

- Првото, почитување на владеење на правото, правна држава и одговорност за тие кои што се огрешиле спрема законите. Вториот принцип е економски развој, подигнување на животниот стандард и подобар живот за сите граѓани. Третиот принцип е водење на достоинствена надворешна политика, која што ќе се темели на меѓусебно почитување и одбрана на националните и државни интереси. Четврто, почитување на човековите права и слободи. Македонија била и ќе остане слободна, независна и суверена држава. Петти, можеби и најважен Македонија да ја вратиме на народот. Македонија му припаѓа на народот, бидејќи сега е украдена од неколкумина, би рекол дел од раководството на ДУИ и уште малкумина измеќари од ДУИ кои што се се уште раководство во СДСМ, истакна Христијан Мицкоски.са/нд/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ/ФБ на Силјановска Давкова

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан