• вторник, 24 декември 2024

Си-Ен-Ен: Пристапот на Западот „не гледам зло“ кон Вучиќ ризикува да го дестабилизира Балканот

Си-Ен-Ен: Пристапот на Западот „не гледам зло“ кон Вучиќ ризикува да го дестабилизира Балканот

Вашингтон, 14 август 2023 (МИА) - Санкциите на Вашингтон против директорот на БИА Александар Вулин се доказ дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден „повеќе не е заробена од страв и илузии“ за српскиот претседател Александар Вучиќ, но не е јасно дали тоа ќе доведе до промена на севкупната политика кон Белград, анализира Си-Ен-Ен. 

Неколку аналитичари изјавија за Си-Ен-Ен дека Србија мора да направи многу малку за да добие пофалби од американските и европските претставници, а дека во реалноста Вучиќ остави трага од неисполнети ветувања. 

Едвард Џозеф, професор по надворешна политика на Универзитетот Џон Хопкинс, кој десет години служеше на Балканот, вклучително и во НАТО, за Си-Ен-Ен изјави дека пристапот на „режимот на Вучиќ, во кој не се гледа зло, можеби почнува да пука“. 

-Овде доаѓа прашањето, кој во администрацијата на Бајден сè уште верува дека Вучиќ е тој партнер, рече тој, посочувајќи на неодамнешното санкционирање на Александар Вулин, директор на српската разузнавачка служба, како доказ дека администрацијата на Бајден „повеќе не е заробена од страв и илузии за Вучиќ“.

Но, дали тоа ќе се претвори во промена на политиката е нејасно, наведува медиумот. 

Како одговор на санкциите против Вулин, Вучиќ, пак, забрани извоз на оружје од Србија на 30 дена, тврдејќи дека „се мора да се подготви во случај на агресија врз Република Србија“. 

-Тој во основа вели „ќе влеземе во конфликт, мора веднаш да го запреме секој извоз на оружје, бидејќи ни треба за нашата национална безбедност“. Тој буквално се заканува со војна. Никогаш порано не сум го видел толку експлицитен, рече експертот на Европскиот совет за Балканот за надворешни односи (ЕЦФР) Мајда Руге. 

Пораката на претседателот ја прифатија и дел од граѓаните на Србија. На фудбалски натпревар на Црвена ѕвезда минатиот месец, српските националистички навивачи држеле транспарент на кој пишувало „Кога војската ќе се врати во Косово“, додека локалните медиуми објавија дека Вучиќ присуствувал на натпреварот, пренесе Бета. 

-Западните дипломати се обидоа да го извлечат српскиот претседател Александар Вучиќ од орбитата на неговиот руски колега, претседателот Владимир Путин, ветувајќи побрз пат кон членството во ЕУ, предупредувајќи на изолација во случај на непослушност, забележува Си-Ен-Ен. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан