• сабота, 23 ноември 2024

Се уредува пристапот до месноста ,,Скокото" во делчевското село Габрово

Се уредува пристапот до месноста ,,Скокото

Делчево, 25 февруари 2024 (МИА) - Во делчевското село Габрово се уредува пристапот до месноста „Скокото" каде мештаните секоја година се собираат за пранзикот Ѓурѓовден. За таа цел група жители од селото работат на поплочување на теренот до самото место, каде извираат три води, кои народот често ги посетува, а за кои се верува дека имаат лековити својства. 

-Се организираме секој викенд група на работници од селото за да го поплочиме местото, да не се гази кал и за да е чист пристапот до самото место. Акцијата е самоиницијативна, но засега имаме слаб одзив, слаба заинересираност за помош и од други лица. За поплочувањето користиме камења од плочите кои претходно се наоѓаа во Градскиот парк во Делчево кој се реновираше. Се надеваме дека до Ѓурѓовден ќе биде завршена работата, вели Горан Анакиевски, главен иницијатор за доуредување на месноста.

Водите кај месноста „Скокото" извираат од три места под високите карпи кои се наоѓаат во близина.

-Водата не е јака, тече капка по капка, не престанува и лете и зиме. Луѓето кажуваат дека лекува очи и нозе, доста е посетено. Обично тука се собираме за Ѓурѓовден, оти нема параклис. Во зависност од можностите и волјата на луѓето може и манастир да се изгради, додава Анакиевски.

Тој заедно со другите учесници во акцијата се благодарни на досегашните донатори со чија помош е изграден мал помошен објект каде се служи ручекот. Апелираат во викендите кои следуваат да се вклучат што повеќе волонтери, за уредувањето да заврши до Ѓурѓовден.

Месноста „Скокото" е осветена од црковните старешини, со нивен благослов се планира поставување на повеќе икони и крст. Се наоѓа над с.Габрово и може да се посети во секое време.

Во оваа месност луѓето порано пронаоѓале голем број артефакти, а по самиот терен се верува дека има поминато и славниот патеписец Евлија Челебија, за што постојат некои пишани документи. вс/вг/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан