• вторник, 24 декември 2024

Се зголемува таксата за отпорност на климатски кризи во туристичките објекти во Грција

Се зголемува таксата за отпорност на климатски кризи во туристичките објекти во Грција

Атина, 16 септември 2024 (МИА) – Од половина до пет евра ќе биде поскапа таксата за отпорност на климатски кризи во туристичките објекти во Грција во периодот од април до октомври, додека пак таксата за патниците од крузерите ќе изнесува од едно до 20 евра во зависност од периодот и островот на кој пристигнуваат туристите, јави дописничката на МИА од Атина.

Надлежните грчки министри денеска детално ги анализираа мерките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти на Меѓународниот саем во Солун пред една седмица, а се однесуваат, меѓу другото, и на туризмот. 

Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис објасни дека таксата за отпорност на климатски кризи во хотелите, туристичките објекти и сл се зголемува за периодот април – октомври од 0,50 до пет евра. 

Поконкретно, за хотелите со една и две ѕвезди и за собите за изнајмување ќе биде две евра наспроти евро и половина колку што беше досега, за две евра поскапа ќе биде таксата за хотелите со три ѕвезди (од три на пет евра), за хотелите со четири ѕвезди е десет евра од досегашните седум евра, а најголемо зголемување има за хотелите со пет ѕвезди и вили, односно од вечер ќе се плаќа такса од 15, наспроти досегашните десет евра. 

Кај сместувањата од типот на Аирбнб таксата се зголемува од 0,50 евра на две евра во зимските месеци и од 1,50 на осум евра во летото.

Хаѕидакис објасни дека периодот во кој се применува ниската такса (ноември до февруари) се продолжува за еден месец и го опфаќа март и цените остануваат како и досега. 

Според министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани, приходите од таксата за отпорност на климатски кризи ќе бидат наменети за „превенција и обнова од природните катастрофи, како и за подобрување на инфраструктурата за поддршка на туристичкиот производ на земјата“.

Во однос на туристите од крузерите, министерката соопшти дека посебната такса по патник на пристаништата на Миконос и Санторини ќе биде 20 евра, а на останатите пристаништа во земјата пет евра за периодот од 1 јуни до 30 септември. 

Во април, мај и октомври таксата ќе биде намалена за 40 отсто, односно за двата конкретни острови ќе биде 12 евра, а за останатите по три евра, додека од ноември до март ќе се намали за 80 проценти на четири, односно едно евро.

Кефалојани истакна дека процените се дека таксата од крузерите годишно ќе донесе околу 50 милиони евра, а приходот ќе биде распределен на три дела, еден за општините каде што пристигнуваат патниците, друг ќе се вметне во буџетот на Министерството за поморство со цел да се извршат неопходните работи на пристаништата, а останатиот дел ќе биде вклучен во буџетот на Министерството за туризам со цел подобрување на туристичката инфраструктура за поддршка на туристичкиот производ на земјата. ср/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан