• сабота, 23 ноември 2024

Се вакцинираа Сакеларопулу и Мицотакис (ДПЛ)

Се вакцинираа Сакеларопулу и Мицотакис (ДПЛ)
Атина, 27 декември 2020 (МИА) –  Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу е првиот политичар во Грција што ја прими вакцината на Фајзер/БиоНТек  за Ковид-19, а веднаш по неа, половина час подоцна се вакцинираше и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина. Сакелраопулу и Мицотакис се вакцинираа во две различни атински болници, од симболични причини за да им дадат пример на граѓаните, а целиот процес во живо беше пренесуван на грчките телевизии. Грчката претседателка во болницата „Евангелисмос“ пристигна и се вакцинираше во присуство на министерот за здравство Василис Кикиљас и неговиот заменик Василис Кондозаманис, а откако ја прими вакцината рече дека оваа година, за Божиќ најголемиот подарок е од науката. -Многу важно да се вакцинираме што е можно повеќе, секако во рамките на програмата што ќе се спроведува и со упатства на лекарите, за да можеме да победиме, да се извлече од оваа перипетија, да си ги вратиме нашите животи, да ја вратиме нашата слобода, повторно да се сретнеме, да ги прегрнеме нашите блиски, истакна Сакеларопулу. Мицотакис вакцината ја прими во болницата „Атикон“ во присуство на шефот на Комисијата на епидемиолози Сотирис Циодрас и генералниот секретар од Министерството за здравство Мариос Темистокелус. Веднаш по вакцинацијата, грчкиот премиер рече дека „денеска е важен ден за науката“, но и за Европската унија бидејќи успеа вакцината да ја достави во ист ден во сите земји и „во пракса да ја испрати пораката на европската солидарност“. -Верувам дека денеска сите Гркинки и сите Грци сме со насмевки под нашите маски, бидејќи започнува и во нашата земја, тешкиот подвиг за масовно вакцинирање на грчкото население со вакцината против Ковид 19, истакна Мицотакис и додаде дека целта во следните месеци да се вакцинира  мнозинството граѓани. И грчката претседателка и грчкиот премиер ги следеа потребните процедури како пред, така и по вакцинацијата. Пред да ја примат вакцината, го пополнија прашалникот во однос на евентуалните претходни здравствени проблеми или алергии, а по примањето на вакцината почекаа 15 минути, за можни реакции од вакцината. По Сакеларопулу и Мицотакис, се вакцинираа и шефот на Комисијата на епидемиолози Сотирис Циодрас и претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас и генералниот секретар на партијата МЕРА25 Јанис Варуфакис, а ќе следат претседателката на Националната комисија за вакцинација Мариа Теодориду, началникот на Генералштабот на грчката армија Константинос Флорос и митрополитот Јеротеос, како претставник на поглаварот на ГПЦ. Претпладнево, како што претходно објави МИА, медицинска сестра од Одделот за интензивна нега во атинската болница „Евангелисмос“ и повозрасен граѓанин згрижен во дом за стари лица, беа првите грчки граѓани кои ја примија вакцината за Ковид-19. ср/

Остани поврзан