• сабота, 23 ноември 2024

Сертификатот за вакцинација една од темите на средбата Мицотакис - Схинас

Сертификатот за вакцинација една од темите на средбата Мицотакис - Схинас
Атина, 5 март 2021 (МИА) – Процесот на имунизација во Грција, сертификатот за вакцинација, како и новиот договор за миграција и азил на ниво на ЕУ, беа темите за кои разговараа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и потпретседателот на Европската Комисија Маргаритис Схинас на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина. Схинас го истакна и поздрави, како што рече, личниот интерес на Мицотакис за сертификатот за вакцинација и објасни дека набргу ЕК ќе излезе со конкретен предлог. - На 17 март ќе презентираме предлог што ќе биде прв чекор за враќање во нормалност, но во секој случај, без да ги ставиме во опасност големите жртвувања на Европејците во изминатата година. Сите работиме на овој спектар на иницијативи за кои со задоволство ќе разговараме, истакна потпретседателот на ЕК. Грчкиот премиер наведе дека кога тие први го покренаа конкретното прашање, биле сигурни дека ќе се стигне до решение, изразувајќи задоволство што Комисијата отворено ја поддржа иницијативата. - Секако да ѝ се заблагодарам на Комисијата и на претседателката за фактот што ја прифати идејата за сертификатот за вакцинација како алатка што ќе ги олесни движењата, слободното движење меѓу Европската Унија, рече Мицотакис, а се осврна и на податокот дека Грција вчера ја надмина бројката од еден милион вакцинации, истакнувајќи дека земјата „пропорционално, се движи побрзо од многу европски земји“. Тој дополнително, изрази надеж дека Европската Комисија ќе изврши притисок врз сите фармацевтски компании да се придржуваат до временските рокови за испораката на вакцините во вториот квартал од 2021 година. ср/ми/

Остани поврзан