Секретаријатот за цивилна заштита на Грција повлече информативен спот по критиките за сексизам
- По негативните реакции и критиките за сексизам, како од јавноста преку социјалните мрежи, така и од поранешната секретарка за родова еднаквост, Секретаријатот за цивилна заштита на Грција, по
Атина, 10 мај 2020 (МИА) – По негативните реакции и критиките за сексизам, како од јавноста преку социјалните мрежи, така и од поранешната секретарка за родова еднаквост, Секретаријатот за цивилна заштита на Грција, по помалку од 24 часа од објавувањето повлече информативен спот во рамките на кампањата „Остануваме безбедни, излегуваме победници“, јави дописничката на МИА од Атина.
Спотот се однесува на препораката да се избегнуваат собири, направен е во вид на монолог во кој протагонистот, познатиот грчки актер Христос Лулис раскажува телефонски разговор со неговата девојка/ пријателка, која од него бара наместо сами, да излезат на некој од плоштадите каде што има народ.
- Ми се јавува сабајле, рано сабајле. Ми вели: „Ќе излеземе вечер?“. „Секако“, ѝ велам. „Каде ќе одиме? Да прошетаме?“, ѝ велам. „Сами?“, ме прашува. „Зошто, ни треба друштво?“, ја прашувам.„Зошто да не одиме на плоштадот, ќе има и народ“, ми вели. „Можеби некако треба да внимаваме?“, ѝ велам. И со оној сладок глас со кој обично ми прави што сака, ми вели, „но сите ќе бидат таму“. „Но, токму тоа е проблемот“, ѝ велам, сите ќе бидат таму, што значи дека може и вирусот да е таму и ако и вирусот е таму тогаш сите останати треба да се на друго место, е делот од информативниот спот што предизвика реакции.
Поранешната генерална секретарка за родова еднаквост, Фотини Кувела изјави дека станува збор за уште еден стереотипен информативен спот во кој мажот е претставен како мудар, а жената глупава и побара да реагира грчкиот Совет за радиодифузија.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас вчера попладне на неговиот официјален „Твитер“ профил го сподели спотот со коментар дека новата кампања „говори за опасноста со која се соочуваме ако не го одржуваме потребното растојание на јавни места“.
Претпладнево, пак, од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција соопштија дека спотот е повлечен, бидејќи нивната намера е да ја обединат, а не да ја поделат јавноста. ср/