Секоја трета: Насилството врз жените во Европската Унија
- Да бидете жена не значи само секојдневно да се соочувате со родова дискриминација или разлики во платата, туку и со опасност по животот. На Осми март, меѓународниот ден на жената, погледнете како земјите-членки на ЕУ се обидуваат да се борат против разните облици родово насилство, кои се променливи како и ставовите.

ЕНР - Брисел
8 март 2025
Одвај и да има ден да не биде ранета или убиена жена во Европската Унија поради тоа што е жена. Огромното мнозинство од сторителите на ваквото физичко или психичко насилство се нивните сегашни или поранешни партнери.
„Основни причинители на насилството врз жените се контролата, доминацијата и нееднаквоста“, рече Карлиен Шеле, директорката на Европскиот институт за родова еднаквост, кога во февруари го презентираше најнеодамнешниот извештај на организацијата.
ЕУ ја вметна и борбата против родовото и семејното насилство во своите политики. Комисијата, со Стратегијата за родова еднаквост 2020-2025 на ЕУ, се обврза да помогне во спречувањето и борбата против насилството, да ги поддржи засегнатите и да се погрижи сторителите да сносат одговорност. Се обврза да направи „значаен напредок“ кон целта – родово еднаква Европа
Еврокомесарката за еднаквост Хаџа Лабиб вчера ги претстави новите насоки на Комисијата за зајакнување на правата на жените, наведувајќи го ослободувањето од родовото насилство како прв чекор.
Во последниве години, ЕУ презеде неколку чекори кон оваа цел, при што го заврши и процесот на пристапување кон Истанбулската конвенција – чијашто членка Комисијата стана во октомври 2023. Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, како што гласи нејзиниот официјален назив, е првиот правно обврзувачки меѓународен инструмент на оваа тема. Го дефинира насилството врз жените преку неговите четири главни облици: физичко, сексуално, психолошко и економско.
Во мај 2024, Советот ја усвои Директивата на ЕУ за борба против насилството врз жените и семејното насилство. Таа, на ниво на ЕУ, криминализира одредени облици насилство врз жените, како што се осакатување гениталии и принуден брак, а исто така и онлајн насилство – на пример, споделување интимни слики без согласност, демнење и малтретирање преку интернет и поттикнување омраза и насилство врз полова основа. Директивата беше поздравена како значаен чекор во вистинската насока, но наиде и на критики бидејќи земјите-членки не успеаја да се договорат за криминализацијата на силувањето. Не постигнаа консензус околу немањето согласност како основа на дефиницијата за силување.
Широко распространето насилство
Земјите-членки имаат рок до јуни 2027 да ја внесат директивата во нивните национални закони и политики. Но, напредокот е нерамномерен, а опсегот широк. Статистичките податоци, кои секоја година се објавуваат во деновите околу Осми март, меѓународниот ден на жената, не се баш пријатно четиво.
Индексот за родова еднаквост за 2024 на Европскиот институт за родова еднаквост укажа на неодамнешните политички и правни настани поврзани со насилството врз жените во ЕУ и земјите-членки. Во него се наведува дека насилството врз жените е „широко распространето и недоволно се пријавува“.
Во овој композитен индекс на насилство во 12 земји-членки, резултатот беше 31,9 поени, при што Грција (со 24,6 поени) и Финска (со 41,7 поени) се најдоа на спротивните краеви. Според бројот на поени, 1 укажува на ситуација во која нема насилство, а 100 дека насилството врз жените е широко распространето и тешко.
Според статистиката и податоците од цела ЕУ добиени преку истражувањето и употребени за овој индекс, 31 отсто од жените над 15 години во ЕУ доживеале физичко и/или сексуално насилство, а 57 отсто од жртвите претрпеле и здравствени последици.
Во едно неодамнешно германско истражување, 92 отсто од жените меѓу 18- и 35-годишна возраст изјавиле дека биле малтретирани или нападнати.
Што е фемицид?
Според Европскиот институт за родова еднаквост, тешко е да се утврди точниот број фемициди – убиства на жени или девојчиња поради полот – во целиот блок, затоа што дефинициите се разликуваат од земја до земја. Немаат сите земји-членки специфични закони за фемицид, иако земјите како Малта, Кипар или Хрватска имаат конкретни закони за фемицид во нивните кривични законици.
Но, жените сè уште ги убиваат во Европа, како што покажуваат овие примери:
Во Франција, Министерството за внатрешни работи соопшти дека 96 жени биле жртви на „брачен фемицид“ во 2023.
Во 2024 во Шпанија, 48 жени биле убиени во случаи на „родово насилство“ во врската или семејството. Истата година, девет малолетнички биле убиени во злосторства извршени од нивните татковци или брачниот другар на нивната мајка. Имало и најмалку шест фемициди извршени од некој што не им бил сегашниот или поранешниот партнер. Овој број убиства поради родово насилство бил најмалиот регистриран од 2003. Од таа година па наваму, 1293 жени во Шпанија биле убиени од нивните партнери или поранешни партнери.
Во 2024 во Босна и Херцеговина, 12 жени биле убиени во случаи на фемицид, но земјата нема унифициран регистар на семејно насилство, што го отежнува следењето на опсегот на проблемот и ефикасното реагирање од страна на институциите.
Италија пријавила над 90 фемициди во 2024. Најмалку 48 од жртвите биле убиени од сегашниот или поранешниот партнер, според Министерството за внатрешни работи на земјата. Секоја петта жртва имала над 70 години.
Во Германија речиси секој ден се пријавува фемицид. Во 2023, околу 938 девојки и жени биле жртви или на обиди за убиства или на фемициди. Од овие жени, 360 умреле. „Речиси секој ден има фемицид. Секој ден околу 400 жени стануваат жртви на семејно насилство“, рече министерката за женски прашања Лиза Паус во ноември, кога го презентираше првиот извештај за оваа ситуација насловен како „Родово специфични прекршоци против жените“.
Заштита на жртвите
Низ Европа, правните системи на земјите се во различни фази во борбата против родовото насилство.
Во Шпанија, каде што владата борбата против родовото насилство веќе долго време ја смета за приоритет, парламентот разговара за обновувањето на државниот пакт против родово насилство, со околу 460 мерки за заштита на жртвите.
Според официјалната статистика, во Словенија, секоја втора жена и девојка на возраст над 15 години доживеала некаков облик насилство. Кон крајот на 2024, земјата усвои акциски план за спроведување на национална програма за спречување на семејното насилство и насилството врз жените. Тој предвидува поголемо финансирање и зајакнување на програмите за социјална заштита и друга помош. Дополнително внимание добива и проблемот на фемицид. Се подготвуваат и измени на кривичниот законик, со кои ќе се воведат построги казни за убиства во семејството или во други услови на заеднички живот.
Земјата-кандидатка за членство во ЕУ Северна Македонија неодамна ја ратификува Истанбулската конвенција, но, според активистите, има уште нерешени сериозни проблеми: иако измените на кривичниот законик во 2023 ја ажурираа дефиницијата за силување врз основа на немање согласност и го криминализираа демнењето и сексуалното малтретирање, некои жртви останаа незаштитени бидејќи не беше дефинирано ниту криминализирано психичкото насилство.
И Босна и Херцеговина усвои закон за заштита од семејно насилство. Сојузниот министер за правда Ведран Шкобиќ изјави дека законот става силен акцент на заштитата на жените и претставува имплементација на Истанбулската конвенција како и на одредени препораки и директиви на ЕУ, кои се основни обврски во процесот на пристапување кон ЕУ.
Сепак, социјалната работничка и психотерапевтка Теа Ребац Микулиќ истакна дека жените во БиХ често не пријавуваат насилство поради традиционалните родови улоги, економската несигурност и несоодветното реагирање на институциите.
Во Бугарија, според податоците на Евростат од 2024, земјата регистрирала дека само 6 отсто од жените доживеале непартнерско насилство. Ова е најнискиот таков процент во ЕУ. Но, Министерството за внатрешни работи информира дека се зголемил бројот на случаи на семејно насилство, како и на издадени налози за заштита и поведени постапки за кривични дела поврзани со семејно насилство. Министерот за правда Георги Георгиев рече дека владата активно се подготвува за примена на Директивата на ЕУ.
Полската министерка за еднаквост Катажина Котула многу често зборува на темата насилство врз жените, нагласувајќи ја неговата сериозност и системска природа и повикувајќи на системски промени.
Напредокот е бавен и загрозен
Напредокот е нерамномерен во целиот блок. Пет земји-членки – Бугарија, Чешка, Унгарија, Литванија и Словачка – сè уште ја немаат ратификувано Истанбулската конвенција.
Иако ЕУ презеде цврсти чекори од правен аспект, Европскиот институт за родова еднаквост тврди дека борбата за вистински напредок изискува итна акција од творците на политиките, граѓанското општество и граѓаните. Извештајот открива вознемирувачко ниво на толерирање насилство врз жените, при што 17 отсто веруваат дека пријавите за сексуална злоупотреба или силување често се преувеличени; 46 отсто мажи и 26 отсто жени веруваат дека финансиската контрола во односите е прифатлива; а 27 отсто мажи и 15 отсто жени мислат дека сексуалното малтретирање на работното место е прифатливо.
И бројот на политичките противници на родовата еднаквост расте. Извештајот на Ју-ен вимен, женската организација на ОН, неделава предупреди дека во четвртина од земјите во светот, правата на жените бие уназадени од разни причини, почнувајќи од климатските промени па сè до слабеењето на демократијата. „Слабеењето на демократските институции оди рака под рака со пружањето отпор кон родовата еднаквост“, се вели во извештајот и се додава дека „чинителите против женските права активно го поткопуваат долгогодишниот консензус околу клучните теми поврзани со правата на жените“.
„Кога се доведува во прашање родовата еднаквост, се доведува во прашање и напредокот. Околу родовата еднаквост не треба да се расправа – таа треба да биде природна како и воздухот што го дишеме. Таа е во срцето на нашиот европски начин на живот“, рече еврокомесарката Лабиб за време на петочната презентација.
„Овие насоки за правата на жените се нашата водилка, нашата визија за свет во кој жените и девојките ќе можат да предничат, да напредуваат и да го остварат сиот свој потенцијал, без насилство и дискриминација“, рече Лабиб.
Според комесарката, насоките имаат за цел да бидат одговор на структурните дискриминаторски норми во европските општества. Освен што се стремат кон ослободување од родовото насилство, се стремат и кон подобар здравствен стандард на жените, еднакви плати за жените, рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот, еднакви можности за вработување и еднаква застапеност, меѓу другото.
Иако многу земји-членки имаат акциски планови за справување со насилството врз жените, не се сите исто ефикасни. На пример, финансираните превентивни програми, како и достапните засолништа, советувања или други услуги за жртвите, не ги исполнуваат потребите, критикува Европскиот институт за родова еднаквост.
Марија Молика, која го предводи тимот на Генералниот директорат за правда на ЕУ што се фокусира на родовото насилство, се надева дека имплементацијата на Директивата на ЕУ за насилство врз жените до јуни 2027 ќе исправи многу од овие недостатоци.
„Преку транспонирањето на Директивата, поголемиот дел од барањата на Истанбулската конвенција ќе мора да влезат во националните законодавства, дури и кај земјите-членки што сè уште не ја ратификувале Конвенцијата“, рече таа.
Борбата против насилството врз жените не само што бара промена во општествените ставови кон него, туку бара и поголемо финансирање, рече Стефани Футер-Орел, директорка на мрежата Жените против насилството во Европа.
Родовото насилство, покрај тоа што донесува неописливо страдање, носи и големи економски трошоци. Проценката на Европскиот институт за родова еднаквост направена во 2021 вели дека овие трошоци во ЕУ изнесувале околу 366 милијарди евра, при што насилството врз жените сочинувало 79 отсто од износов. Трошоците се предизвикани од физичкото и емоционалното влијание на насилството, трошоците на службите за кривична и граѓанска правда и изгубениот економски учинок.
Фото: ЕНР/ФЕНА