• сабота, 23 ноември 2024

Седумнаесетти Виз Ер Скопски маратон

Седумнаесетти Виз Ер Скопски маратон
Скопје, 3 октомври 2021 (МИА) - Традиционално по 17 пат денеска ќе се одржи спортскиот настан Виз Ер Скопски маратон. Стартот на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт ќе биде во 8 часот, а трката на 5 километри ќе започне во 8:10 часот, од платото пред Спортски центар Борис Трајковски, каде што ќе биде и целта на овогодишниот маратон. Патеката по која учесниците ќе трчаат ќе биде иста, како и претходната година, а од организацијата известуваат дека дел од скопските улици во периодот од 7:30 до 14 часот ќе имаат привремен режим на сообраќај и промена на режимот на работа на линиите на Јавниот градски превоз. - Целосно затворени за сообраќај ќе бидат следниве улици: ул. „Димитрије Чуповски“, булевар „Илинденска“ од Влада до Зоолошка градина, ул. „Војвода Васил Чакаларов“, ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“, ул. „11 Октомври“, делот на бул. „Крушевска Република“ од семафорите кај Тутунски Комбинат до семафорите кај Полициската Станица Пролет, бул. „3 Македонска Бригада“ од семафорите кај Полициската Станица Пролет до раскрсницата со ул. „Фрањо Клуз“, десната коловозна лента од бул. „Јане Сандански“ од Тобако во правец накај Аеродром се до раскрсницата со бул. „Србија“, се наведува во соопштението. Делумно затворени за сообраќај ќе бидат следниве улици и правци: десната коловозна лента од бул. „Климент Охридски“ до семафорите кај Влада, бул. „Илинденска“, од Зоолошка градина до „Љубљанска“, спротивната страна ќе биде слободна за движење, ул. „Љубљанска“ во правец од бул. „Илинденска“ до семафорите кај бул. „Партизански одреди“, ул. „Московска“ во правец од бул. „Партизански Одреди“ до Студентскиот дом Гоце Делчев. Натпреварувачите ќе трчаат од стартот С.Ц Борис Трајковски до ул. „Илинденска“, па лево на ул. „Љубљанска“, потоа право на „Московска“, па десно по ул. „Војвода Васил Чакаларов“, на крајот од улицата се врти полукружно назад, кога ќе се вратат кај Студентскиот Дом „Гоце Делчев“ се продолжува право по „М.Теодосиј Гологанов“, „Димитрие Чуповски“, „11 Октомври“, „Крушевска Република“, „3 Македонска Бригада“, „Фрањо Клуз“, бул. „Јане Сандански“ до крајот (раскрсница со бул. „Србија“), пред семафорот со бул. „Србија“ се врти полукружно назад (на истата коловозна лента) по бул. „Јане Сандански“, „Фрањо Клуз“, „Трета Македонска бригада“, „Крушевска Република“, „11 Октомври“ по „Димитрие Чуповски“ до раскрсницата десно на бул. „Климент Охридски“ до бул. „Илинденска“, лево кај Владата до целта, платото пред СЦ Борис Трајковски. Истата патека се трча два круга за маратонците. Виз Ер Скопски Маратон 2021 ќе се реализира под специјални протоколи одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Виз Ер Скопски Маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје, под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт. мс/сст/

Остани поврзан