• сабота, 23 ноември 2024

Северна Македонија дел од новиот инструмент на ЕУ за зајакнување на цивилната заштита во Европа

Северна Македонија дел од новиот инструмент на ЕУ за зајакнување на цивилната заштита во Европа

Брисел, 29 февруари 2024 (МИА) – Европската комисија во соработка со Светска банка создава нов инструмент за финансиска поддршка наменета за зајакнување на цивилната заштита во државите опфатени со Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, меѓу кои е и Северна Македонија, како и во Грузија и Косово. 

Во рамки на инструментот наречен Финансиски фонд за техничка помош за превенција и подготвеност за катастрофи (ТАФФ) за 2024 година првично се предвиден шест милиони евра. 

Како дел од инструментот ќе биде иницирана тригодишна пилот програма за подобрување на капацитетите и подготвеноста на националните служби за цивилна заштита за справување со елементарни непогоди и хуманитарни катастрофи, преку реализација на проекти, студии и обуки за размена на знаење и искуства. 

Според ЕК, со оваа нова алатка за финансирање, службите за цивилна заштита ќе ги зголемат своите технички капацитети и ќе бидат подобро опремени и подготвени за реакција во случај на катастрофи. 

Причина за покренување на овој инструмент е зачестеноста и зголемениот обем на природни непогоди во Европа. Според податоците, во периодот од 1980 до 2020 година речиси 50 милиони луѓе во ЕУ биле погодени од елементарни непогоди, кои годишно во просек предизвикале штети во вредност од 12 милијарди евра. 

TAФФ ќе биде дел од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ кој нуди техничка помош на националните служби за цивилна заштита и справување со ризици во привлекувањето инвестиции, градењето капацитети и зајакнувањето на нивната институционална рамка и ја координира нивната соработката за превенција, подготвеност и реакција во случај на природни катастрофи. 

Членки на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ се 27-те земји на Унијата и плус Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Молдавија, Норвешка, Србија, Турција, Украина и Црна Гора. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан