• понеделник, 23 декември 2024

Откриена биста на Гоце Делчев во Пустец

Откриена биста на Гоце Делчев во Пустец

Пустец, 4 мај 2024 (МИА) - Во Пустец денеска е откриена биста на Гоце Делчев по повод 121 година од неговата смрт.  

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која присуствуваше на настанот, порача дека делото на Делчев ги поврзува сите Македонци, каде и да сме.

- Ние нема никогаш да се откажеме од големите дела и големите зборови на нашите револуционери кои биле на вистинската страна на историјата, како што сме ние денес. Ние, кои сме во прогресивниот табор и кои на државата и посакуваме светла европска иднина со рамноправни граѓани и среќни млади генерации, рече Костадиновска-Стојчевска. 

Министерката за култура посочи дека народните херои како Гоце Делчев и нивните идеали за слобода и рамноправност, се нашиот патоказ кон Европа. Таа нагласи дека неговата визија за светот како поле за културен натпревар меѓу народите, нема никогаш да го изгуби значењето во нашето колективно постоење и во настојувањето да создадеме сигурна, просперитетна и заедничка иднина.  

- Останавме доследни на нашето ветување дека нема да престанеме да градиме мостови на поврзување и дијалог, додаде Костадиносвка-Стојчевска, која на свеченоста присуствуваше со директорката на Завод и Музеј-Битола, Мери Стојанова.

Бистата на Делчев е поставена на иницијатива на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, чиј претседател е Васил Стерјовски кој рече дека бистата е симбол на непоколебливоста и вербата во принципите на правда и слобода.

- Гоце Делчев со својот живот и дело стана апостол за Македонците и неговиот спомен се пренесува од колено на колено, не само кај Македонците од Албанија, туку и секаде во светот каде што живеат. Сликата на Гоце е присутна во македонските домови, во училиштата, угостителски објекти, на разни манифестации и друго, песни за Гоце Делчев се пеат на разни веселби, свадби, прослави, а учениците во училиштата рецитираат стихотворби за Гоце Делчев и Гоце и Александар се најпопуларни имиња меѓу Македонците во Преспа, рече тој.

Бистата е изработена од уметникот Зоран Тошевски, а е поставена пред црквата „Свети Архангел Михаил“ во Пустец, на плоштадот именуван по Делчев. вт/бд/

Фото: Министерство за култура

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан