• среда, 06 ноември 2024

Свечено отворено Европското кикбокс првенство во Атина – македонската репрезентација подготвена за добар пласман и медали (Фото)

Свечено отворено Европското кикбокс првенство во Атина – македонската репрезентација подготвена за добар пласман и медали (Фото)

Атина, 3 ноември 2024 (МИА) – Подготвеност и оптимизам за учеството на сениорското Европско кикбокс првенство што се одржува во Атина, изразуваат членовите на македонската репрезентација непосредно пред почетокот на натпреварите во следните денови, а во разговор со дописничката на МИА не ја исклучуваат можноста да се вратат со медали.

Македонската репрезентација со петмина кикбоксери во машка и женска конкуренција ја предводи претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата Дејан Митровски, а во составот се Бобан Илиоски, Стефан Михајловски, Митко Ашкилов, Леа Бошевска и Андреа Костовска, тренерот Драган Атанасовски, како и Ирена Митровска секретарка во Федерацијата.

Илиоски е европски шампион од пред две години и сега има задача да ја одбрани титулата, а заедно со Митровски, за МИА велат дека имаат шанси одново да биде освоено злато.

-Нашите очекувања секако се да имаме добар пласман, да освоиме медали, особено злато. Тука го имаме светскиот шампион од лани Бобан Илиески, кој е и европски шампион од пред две години. Најмногу од него очекуваме да го потврди неговиот златен медал. На првенството учествуваат 982 натпреварувачи со 1.133 натпреварувачки влеза и 41 држава. Конкуренцијата тука секогаш е плафон. Контролните борби на најдобрите борци се на светските и европските купови и се стремат да обезбедат пласман на вакво официјално европско и светско првенство, вели претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата.

Илиоски во среда ќе се бори во лоу кик во категоријата до 86 килограми, а противникот ќе го дознае по мечот меѓу Хрватска и Украина, но вели дека не му значи кој ќе биде бидејќи она што го интересира е во Атина да ја потврди титулата од пред две години.

-Искрено мислам дека сум фаворит во оваа категорија, добро се подготвував и очекувам да ги победам сите противници. Противниците ги гледам еднакво подготвен сум да дадам максимум со секој, без разлика од која држава е, фокусиран сум само да победам и друго не ме интересира, истакнува европскиот шампион.

Попладнево на Олимпискиот стадион во Атина каде што ќе се одржуваат натпреварите до 10 ноември, беше свечено отворено првенството со парада на земјите-учеснички претставувани од тројца натпреварувачи, на присутните им се обратија официјалните лица од ВАКО федерацијата, а претседателот воедно повика на едноминутен молк за сите загинати во војните и во неодамнешните природните катастрофи во различни делови од светот.

Следеа заклетвите на натпреварувачите, судиите, тренерите за фер натпреварување

Натпреварувачкиот дел започнува утре, а од нашата репрезентација, во женска конкуренција, Леа Бошевска ќе настапи во кик лајт во категоријата до 50 килограми, а Андреа Костовска во кик лајт до 55 килограми.

Во машкиот состав се Мите Ашкилов во кик лајт во категоријата до 94 килограми, Бобан Илиоски во лоу кик до 86 килограми и Стефан Михајловски во кик лајт во категоријата над 94 килограми.

Кикбоксот станува се попопуларен кај нас

Нашата земја не само што има искуство на Европски првенства, туку кикбоксот како спорт станува се попопуларен кај нас, посочуваат за МИА и претседателот на Федерацијата, но и Илиоски.

Кикбоксот во изминатите години се повеќе и повеќе зема замав и станува се попопуларен особено кај женската популација, имаме резултати имаме масовност. Ние сме најуспешен спорт, најтрофеен, со најмногу медали и најмасовен, вели Митровски

Со ист став е и кикбоксерот Илиоски, кој со конкретниот спорт се занимава веќе 12-13 години.

-Мислам дека моментално е еден од најпопуларните спортови бидејќи имаме добри резултати, носиме медали од престижни натпревари и мислам дека од година во година станува се повеќе популарен, истакнува Илиоски.

Европското првенство во Атина ќе трае до 10 ноември со учество на кикбоксери од 41 земја. ср/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан