• сабота, 23 ноември 2024

Сарацин идната недела повторно во Косово, ќе учествува на вториот Германско-косовски економски форум

Сарацин идната недела повторно во Косово, ќе учествува на вториот Германско-косовски економски форум

Приштина, 23 септември 2024 (МИА) – Германскиот пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин идната недела повторно ќе престојува во Косово, каде што ќе учествува на вториот Германско-косовски економски форум што ќе се одржи во косовската престолнина на 2 и 3 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Покрај Сарацин, како што соопшти Германско-косовската стопанска комора, на форумот ќе учествува и пратеникот во Бундестагот, Петер Бејер, како и претставници на германската влада и на тамошни компании.

„Заедно со истакнати економисти од Косово и Германија тие ќе разговараат за геополитичките случувања и нивното влијание врз глобалната, регионалната економија и за германско-косовските односи. На овој форум ќе се соберат над 700 гости од Косово и Германија, меѓу кои и високи претставници од двете земји. Претставници на високо ниво од сојузното Министерство за економски прашања и климатски активности, заедно со извршни претставници на големи германски компании, ќе бидат дел од панелите на кои ќе се разговара за решенија за енергијата, технологијата и индустријата“, се вели во известувањето.

Годинешниот форум, како што велат од Германско-косовската комора, „има за цел да ги зајакне економските врски меѓу двете земји и да создаде нови можности за соработка, со програми посветени на технолошки, енергетски и индустриски решенија. Настанот ветува извонредни можности за вмрежување и размена на знаења меѓу бизнис заедниците на Косово и Германија“, се наведува во соопштението.

Според организаторот, првиот форум, одржан во 2022 година, „донесе инвестиција од 20 милиони евра во производниот сектор во Косово, што ја докажува важноста на овој настан за економскиот развој на земјата“.

Сарацин, кој неодамна го посети Косово за да побара укинување на забраната на увоз на српски производи, што Владата на Албин Курти ја воведе во мај 2023 година, предупреди дека Косово може да се соочи со повици за исклучување од Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и други казни доколку не ја укине таа забрана. иа/

Остани поврзан