Салиу: Вие сте тие кои треба да ги сменат состојбите во нашата држава и во светот
- Овде сме за да ги поддржиме, но и да ги инспирираме младите девојки Ромки да сонуваат големи соништа и да ги остварат своите цели. Вие сте тие кои треба да ги сменат состојбите во нашата држава и во светот, порача Шабан Салиу, министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, на отворањето на панел-дискусија насловена „Гласовите на жените Ромки: Од предизвици до успеси“, посветена на унапредувањето на правата и можностите на жените Ромки.

Скопје, 5 март 2025 (МИА) – Овде сме за да ги поддржиме, но и да ги инспирираме младите девојки Ромки да сонуваат големи соништа и да ги остварат своите цели. Вие сте тие кои треба да ги сменат состојбите во нашата држава и во светот, порача Шабан Салиу, министер задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, на отворањето на панел-дискусијата „Гласовите на жените Ромки: Од предизвици до успеси“, посветена на унапредувањето на правата и можностите на жените Ромки.
- Жените Ромки се активни во сите сфери на општеството – во културата, бизнисот, политиката, граѓанскиот сектор. Нивната истрајност и придонес се непроценливи. Денес можеме со гордост да кажеме дека жените Ромки се докторки, инженерки, претприемачки, активистки. Нивните успеси се резултат на голем труд, посветеност и жртва, бидејќи тие не само што се бореле со предизвиците во поширокото општество, туку често и во рамките на сопствената заедница, рече Салиу.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 со посебен фокус на зајакнување на жените во ромската заедница.
- Веруваме дека преку едукација, економско јакнење и поддршка на нивните права можеме да изградиме поправедно и поеднакво општество за сите, рече Салиу и додаде дека верува оти состојбата со жените Ромки постојано ќе се подобрува.
Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија посочи дека за три дена ќе се одбележи Меѓународниот ден на жената, ден кој има симболично и длабоко значење за секоја жена и за секое општество, бидејќи ја отсликува вековната борба на жените за политичка, економска и социјална рамноправност, односно еднаквост во сите сфери на животот во домот и во општеството. Порача дека се уште има многу полиња во сите сфери на животот каде жените се соочуваат со предизвици и нерамноправност.
- Жените имаат клучна улога во градењето на отпорни општества каде за сите има ист и фер пристап. Со оваа панел-дискусија сакаме да ставиме акцент на значајната улога на жената од ромската заедница, и препознавање на нејзиниот непроценлив придонес. Ние продолжуваме да работиме партнерски за уривање на бариерите и стереотипите кои стојат на патот кон целосно учество на жените Ромки во сите процеси, рече Ивановиќ-Кастаред.
Кога се зборува за предизвиците, додаде, важно е да се предлагаат решенија за проблемите, да се поттикнуваат девојчињата со позитивни примери и да се мотивираат за да сфатат дека независно од каде доаѓаме сите имаме право на ист пристап и можности.
- Преку успешни примери ги поттикнуваме и охрабруваме и другите жени да го споделат својот глас и размислување во обликување на иднина каде сите жени и девојчиња ќе имаат исти можности. Од нас самите почува се. Доколку стереотипите се урнат во нашите размислувања пред се, потоа во нашите домови, во нашето соседство, во нашето општество ќе нема предубедувања кои водат кон предрасуди, а потоа и до дискриминација, потенцира Ивановиќ-Кастаред.
На настанот, организиран од Министерството во соработка со UN Women Северна Македонија се одржаа два панела на кои Мерсиха Усеин, Неџмие Саитова, Севдија Абдулова, Бајса Арифовска, Инес Амет и Сарита Јашарова го презентираа нивниот пат до успехот и предизвиците со кои се соочиле на тој пат во постигнувањето родова еднаквост и поголема инклузија во општеството. Целта е тие да ја инспирираат младата генерација Ромки за поголема инклузија во општеството. вј/бак/
Фото: МИА