Саливан: САД продолжуваат со борбата за примирје во Газа и намалување на тензиите меѓу Израел и Либан
- Претседателот на САД, Џо Бајден е цврсто решен да постигне прекин на огнот во Газа и договор за заложниците со Хамас, и тој се стреми кон намалување на тензиите на границата меѓу Израел и Либан, изјави денеска советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Вашингтон, 24 септември 2024 (МИА) - Претседателот на САД, Џо Бајден е цврсто решен да постигне прекин на огнот во Газа и договор за заложниците со Хамас, и тој се стреми кон намалување на тензиите на границата меѓу Израел и Либан, изјави денеска советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
-Тој апсолутно не се предава, рече Саливан во интервју за „Ем-Ес-Ен-Би-Си“ кратко пред Бајден да се обрати на Генералното собрание на ОН.
На средбите со светските лидери во Њујорк, шефот на Белата куќа ќе продолжи со напорите за постигнување на договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, како и да се спречи тотална војна на Блискиот исток.
Саливан укажа дека постигнувањето согласност помеѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерот на Хамас, Јахја Синвар, е тешко. Нагласи дека Хамас, а особено Синвар, „не сакаат да постигнат договор“.
-Но, ние сме решени да продолжиме со работата, рече Саливан.
САД се стремат да го спречат растот на тензиите во регионот на Блиски исток. Саливан рече дека од моментот на нападот на Хамас врз Израел пред речиси една година, конфликтот со Хезболах на северната граница на Израел постојано се засилува и сега достигнува нови нивоа.
-Но, успеавме да го спречиме за време на претходните моменти на ескалација, и верувам дека сепак ќе најдеме пат напред за да постигнеме деескалација... меѓу Израел и Либан и да дојдеме до дипломатско решение кое ќе овозможи луѓето да се вратат дома, изјави Саливан. кб/