• сабота, 23 ноември 2024

Салвини повика здружената десница да го „ослободи Брисел“ од „илегалните окупатори“ 

Салвини повика здружената десница да го „ослободи Брисел“ од „илегалните окупатори“ 

Брисел, 4 декември 2023 (МИА) - Италијанскиот вицепремиер и лидер на евроскептичната десничарска партија Лига, Матео Салвини ги повика на десните партиски групации од ЕУ, меѓу кои и Европската народна партија (ЕПП), на соработка за „ослободување на Брисел“ од оние што го „окупирале“ илегално. 

Тој воедно, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ги повика членките на ЕПП да го следат примерот на Италија и да се здружат со силите од десницата против владеењето на левичарските и зелените партии. 

Италијанската Влада ја сочинуваат националистичката и десно популистичка партија Браќа на Италија (ФДИ) на премиерката Џорџа Мелони, Лигата на Салвини и конзервативната Форца Италија (ФИ) на италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани. 

- Италијанската Влада не е доведена во прашање и ќе владее пет години. Италијанците гласаа за нас. Соработувам многу добро со Џорџа и Антонио. Затоа, на пријателите на десниот центар им порачувам: Би било фатална грешка да се подели европскиот спектар десно од центарот, изјави Салвини. 

Лигата е членка на европската екстремнодесничарска политичка групација Идентитет и демократија (ИД), која одржа конгрес во италијанскиот град Фиренца во текот на вчерашниот ден, кој, според Салвини, бил „историски“ 

- Мислам дека е историски ден, бидејќи на повидок е преродба на Европа, која ќе се заснова на работа и права. Европејците ќе имаат избор: слобода на едната и страв на другата страна, права и работа на едната и екстремизам на другата, порача Салвини. 

Според него, во Фиренца се собрале „пријателите и бранителите“ на Европа, кои ќе „го победат водечкиот непријател на Европа - масонската бирократска реалност“. 

- Првпат, обединетата и решителна десница може да победи и да го ослободи Брисел од оние кои илегално го окупираат за нивни интереси, истакна Салвини. 

Според последната анкета на „Јуроп Електс“, групацијата ИД ќе има значително зголемување на бројот на европратеници на изборите во јуни следната година и ќе стане четврта, а не е исклучено да биде и трета политичка сила во Европскиот парламент. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан