• сабота, 23 ноември 2024

Сакеларопулу – Мицотакис: Вакцинацијата е должност и одговорност на сите граѓани

Сакеларопулу – Мицотакис: Вакцинацијата е должност и одговорност на сите граѓани
Атина, 23 јули 2021 (МИА) – Потребата сите граѓани да се вакцинираат, како единствено решение за справување со пандемијата, ја истакнаа грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кријакос Мицотакис за време на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис ја информираше Сакеларопулу за ситуацијата со пандемијата во земјата, рече дека вчера надминаа десет милиони аплицирани дози, а процесот на вакцинација се одвива според планот, но истакна дека поради мутацијата Делта потребно е засилување на напорите да се убедат и најскептичните дека треба да се вакцинираат. Во овој контекст, грчкиот премиер се задржа на член од Уставот. -Во нашиот Устав предвидуваме дека државата има право да бара од сите граѓани исполнување на должноста на социјална и национална солидарност. Сметам дека овој член денес е поактуелен од било кога. Ова го бараме од нашите сограѓани. Должноста на социјална и национална солидарност. Справувањето со пандемијата е битка на нашата генерација. Битката ќе ја добиеме. Но, треба да ја добиеме кога сите граѓани ќе ја преземат одговорноста кон себе, кон своите семејства и кон општество во целина, рече Мицотакис. Грчката претседателка истакна дека „единственото безбедно решение за ослободување од кошмарот на пандемијата  е вакцинацијата“ и додаде дека треба да интензивираат напорите за вакцинација, а граѓаните да покажат „највисоко можно чувство на одговорност“. -Кога станува збор за чисто научно прашање, како што е прашањето за вакцинацијата, присвојувањето ставови засновани врз ненаучни проценки и теории, не само што го загрозува животот на оние што ги прифаќаат, туку и на сите нас. Затоа, сакам уште еднаш да истакнам дека Уставот на никој не му го признава правото, во рамките на неговата слобода, да го загрозува животот и здравјето на неговите сограѓани. Бидејќи правата признати со Уставот не се признати само затоа што сме индивидуални носители на човечката вредност, нешто што секако важи, туку ни ги признава и затоа што сме дел од општеството како целина, објасни Сакеларопулу. Додаде дека вирусот го погодува општеството како целина и општеството како целина мора да се брани, а паралелно, упати и апел до оние кои сè уште не сакаат да се вакцинираат, велејќи дека ако за нив не е доволно убедувањето на научниците и на сите што ги повикуваат да се вакцинираат, тогаш „нека ги слушнат оние што се разболеа и оние кои ги изгубија своите најблиски“. ср/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан