• сабота, 23 ноември 2024

Сакеларопулу од Делфи форумот: Грција игра водечка улога во поддршката на интегративниот процес на Западен Балкан

Сакеларопулу од Делфи форумот: Грција игра водечка улога во поддршката на интегративниот процес на Западен Балкан

Атина, 10 април 2024 (МИА) – Сегашната ситуација и сериозните геополитички кризи ја нагласуваат важноста на енергетската и стратешката автономија на ЕУ, како и нејзиното проширување, особено кон Западен Балкан, порача претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу на отворањеto на деветтиот Економски форум во грчкиот град Делфи, јави дописничката на МИА од Атина. 

Сакеларопулу посочи дека „Европа мора да биде способна да интервенира активно и со еден глас во меѓународните прашања, да одлучува за својата иднина, за сојузите и составот и да ги брани, со свои средства, сопствените интереси, па и самото постоење“.

Порача дека Грција рамноправно учествува во случувањата на европско, регионално и меѓународно ниво и уште еднаш ја повтори грчката поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан.

-Како земја со воспоставена демократија и докажана посветеност на Обединета Европа, Грција игра водечка улога во поддршката на интегративниот процес на Западен Балкан и во надградбата на политичката и економската соработка на сите земји од Источен Медитеран и Југоисточна Европа. Предуслов за тоа, се разбира, е непоколебливо почитување, од страна на сите држави во регионот, на принципите на владеење на правото, човековите права, како и добрососедските односи и меѓународното право, истакна Сакеларопулу

Претседателката на Грција се осврна на војната во Украина, на ситуацијата на Блискиот Исток, на климатската криза, но и на претстојните евроизбори. 

За Украина рече дека ЕУ „одговори со единство, брзина, одлучност и со координирани акции“, додека пак за ситуацијата на Блискиот Исток, истакна дека хуманитарната криза во Газа, проблемите во Црвеното Море „на драматичен начин потсетуваат дека мирот не може да се земе здраво за готово“. 

Економскиот форум во грчкиот град Делфи започна денеска, свечено беше отворен од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, по што следеше панел-дискусија со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но и говори на претседателите на Словенија Наташа Пирц Мусар и на Црна Гора Јаков Милатовиќ. ср/рп/

Остани поврзан