САД се уште се надеваат за разговори со Иран закажани за в недела
- „Се уште имаме намера да имаме разговори во недела“, изјави дипломат од САД за американски медиуми под услов да остане анонимен.
Вашингтон, 13 јуни 2025 (МИА) - САД се уште се надеваат дека ќе одржат разговори со Иран в недела, дури и откако Израел започна масовен напад врз Исламската република, изјави американски функционер.
„Се уште имаме намера да имаме разговори во недела“, изјави дипломат од САД за американски медиуми под услов да остане анонимен.
Функционерот немаше дополнителни информации дали Иран се согласил на разговорите. Оман претходно планираше разговори в недела во кои ќе учествуваше Стив Виткоф, пријател на претседателот Доналд Трамп и преговарач кој патува низ целиот свет.
Министерството за надворешни работи на Иран денеска соопшти дека САД се „одговорни за последиците“ од нападот. Иран претходно се закани дека ќе ги нападне американските бази доколку избувне конфликт.
Израел, кој се потпира на дипломатска и воена поддршка од САД, го изврши нападот и покрај тоа што Трамп претходно изјави дека сака да даде време за дипломатија.
Државниот секретар Марко Рубио претходно изјави дека САД не се вклучени во нападот и го предупреди Иран да не возвраќа на американските сили стационирани низ арапскиот свет. зш/