• сабота, 23 ноември 2024

САД ги полнат своите стратешки нафтени резерви

САД ги полнат своите стратешки нафтени резерви

 

Вашингтон, 4 јануари 2024 (МИА) - Соединетите држави планираат да купат до три милиони барели домашно произведена сурова нафта за испорака во април за да ги надополнат стратешките резерви, објави Министерството за енергетика.

Во 2022 година, 31 земја-членка на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) пласираа на пазарот вкупно 182,7 милиони барели нафта од стратешките резерви за да обезбедат снабдување и да го запрат растот на цените предизвикан од руската инвазија на Украина и западните санкции против Москва.

САД и нивните сојузници воведоа ограничување на цената на руската нафта од 60 долари за барел, заканувајќи им се на западните осигурителни и превозници со санкции доколку сервисираат поскапа руска нафта. За надминување на лимитот, тие санкционираа група превозници со седиште во Турција и Обединетите Арапски Емирати.

Продажбата на нафта од резерви го отвори прашањето за одржување на пропишаното ниво на залихи, кое според ИЕА мора да покрие најмалку 90 дена од просечниот дневен нето увоз на нафта. Членките мора да бидат подготвени заеднички да одговорат на сериозните нарушувања на снабдувањето кои влијаат на светскиот пазар.

На крајот на октомври, членките на ИЕА имаа околу 1,2 милијарди барели на залиха. САД објавија дека планираат да купат шест милиони барели сурова нафта за стратешки резерви во декември и јануари, откако продадоа рекордни 180 милиони барели во 2022 година.

Вчера известија дека ќе купат три милиони барели, додавајќи дека понуди за откуп ќе добијат до 10 јануари. Досега, Министерството има купено околу 13,8 милиони барели по просечна цена од 75,63 долари за барел, што е речиси 20 долари помалку отколку кога беа продадени во 2022 година.

Американските стратешки резерви се најголеми во светот и моментално изнесуваат околу 354,4 милиони барели. Тие се чуваат во подземни солени пештери на четири локации во Тексас и Луизијана.

фото: ЕПА

 

Остани поврзан