Ројевиќ: Верувам дека ќе растеме секој ден
- Тренер на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ очекува неговиот тим постепено да ја достигнува формата потребна за успешен настап претстојната сезона.
Охрид, 26 јули 2025 (МИА) - Тренер на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ очекува неговиот тим постепено да ја достигнува формата потребна за успешен настап претстојната сезона.
- Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме, изјави Ројевиќ.
Според него македонската лига е најсилна на Балканот.
- Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас. Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика, истакна тренерот на охриѓани. зс/
Фото: ЕПА