Романскиот претседател Јоханис поднесе оставка (ДПЛ)
- Романскиот претседател во заминување Клаус Јоханис денеска соопшти дека поднесува оставка под зголемен притисок од популистичките опозициски групи, два месеца откако највисокиот суд ги поништи претседателските избори во земјата.
![Романскиот претседател Јоханис поднесе оставка (ДПЛ)](https://mia.mk/index.php/images/20250210181319_big_730x400_72.webp )
Букурешт, 10 февруари 2025 (МИА) - Романскиот претседател во заминување Клаус Јоханис денеска соопшти дека поднесува оставка под зголемен притисок од популистичките опозициски групи, два месеца откако највисокиот суд ги поништи претседателските избори во земјата.
- За да ја поштедам Романија од криза, поднесувам оставка од функцијата претседател. Ја напуштам должноста в среда, на 12 февруари, изјави 65-годишниот Јоханис во емотивно обраќање.
Јоханис беше на чело на државата од декември 2014 година, а неговиот втор петгодишен мандат, последен според уставните одредби, требаше да заврши во декември. Сепак, неговиот мандат беше продолжен откако Уставниот суд ги поништи изборите два дена пред вториот круг на 8 декември.
Изборите беа анулирани откако крајно десничарскиот популист Калин Горгеску неочекувано освои најмногу гласови во првиот круг, што предизвика сомнежи за руско мешање и изборни нерегуларности.
Во меѓувреме, неколку десничарски опозициски партии, заедно со дел од пратениците од реформската Унија за спас на Романија, поднесоа барање до парламентот за отповикување на Јоханис. Оваа иницијатива очекуваше поддршка и од некои членови на владејачката коалиција.
- Ова е бесмислен потег, бидејќи јас и онака ќе ја напуштев функцијата за неколку месеци, по изборот на нов претседател во мај, рече Јоханис, истакнувајќи дека „оваа иницијатива носи штета, бидејќи сите губат, а никој не добива“.
Тој изјави дека последиците од неговото разрешување од парламентот би биле „долготрајни и многу негативни“ за Романија, членка на Европската Унија од 2007 година и на НАТО од 2004 година.
- Ниту еден од нашите партнери нема да сфати зошто Романија го заменува претседателот кога процесот на избор на нов шеф на државата е веќе започнат, додаде Јоханис.
Првиот круг од претседателските избори е закажан за 4 мај, а доколку ниту еден од кандидатите не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг ќе се одржи на 18 мај. Се уште не е јасно дали Георгеску ќе може да учествува на изборите.
Откако Јоханис денеска ја објави својата оставка, пред зградата на владата во Букурешт дојде до судири меѓу полицијата и приврзаниците на Георгеску.
Лидерот на партијата Унија за спас на Романија, Елена Ласкони, која требаше да се соочи со Георгеску во вториот круг во декември, денеска изјави дека оставката на Јоханис „дојде предоцна за да се смета за чесна“.
- Мило ми е што притисокот на Унијата да ја спаси Романија во парламентот го разбуди Јоханис од сон. Нема да застанеме тука. Треба да ги преуредиме државните институции за да работат за граѓаните, а не за привремени личности на власт. Ни треба вистина, правда и автентичен лидер со кој ќе бидеме цврсто ориентирани кон Запад, рече Ласкони. ссм/
фото: ДПА