Род Благоевич е на слобода, се врати во своето родно Чикаго
- Поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благоевич, изутринава го напушти затворот и се врати во својот роден град Чикаго, откако претседателот Доналд Трамп ја намали неговата затворска казна. Бл
Вашингтон, 19 февруари 2020 (МИА) - Поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благоевич, изутринава го напушти затворот и се врати во својот роден град Чикаго, откако претседателот Доналд Трамп ја намали неговата затворска казна. Благоевич беше осуден на 14 години затвор по обвиненија за корупција.
Тој отслужи осум години во затвор во Колорадо. Откако се приземји на аеродромот во Чикаго пред новинарите изјави дека е невин и вети дека ќе работи на реформа на кривичниот законик на САД.
- Јас не го направив тоа што го кажуваа. Бев излажан, изјави Благоевич.
Инаку,тој е еден од учесниците во „Кандидат“, поранешно реално шоу на Трамп.
Според обвинението, Благоевич се обидел да го „продаде“ местото во американскиот Сенат кое се ослободи откако тогашниот сенатор Барак Обама беше избран за претседател во 2008 година.
Трамп синоќа помилува вкупно 11 лица казната за Благоевич ја нарече премногу сурова.
Самиот Благоевич изјави дека тој не знаел дека ќе биде помилуван и дознал за одлуката на претседателот од други затвореници кои ја виделе веста на телевизија.
- Длабоко сум благодарен на претседателот Трамп. Тој не беше обврзан да го направи тоа. Тој е претседател републиканец, а јас бев гувернер демократ, изјави Благоевич. кб/