• вторник, 24 декември 2024

Реакција на претседателот Пендаровски на најновите случувања во македонско-бугарските односи

Реакција на претседателот Пендаровски на најновите случувања во македонско-бугарските односи

Скопје, 5 февруари 2023 (МИА) - Најостро го осудувам вандалскиот чин на каменување на „Македонски културен клуб – Никола Вапцаров“ во Благоевград во Бугарија, наведува претседателот Стево Пендародвски во реакција на најновите случувања во македонско-бугарските односи поврзани со настаните и изјавите од овој викенд.

- Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин, се додава во реакцијата во врска со синоќешното кршење на стаклото на Македонскиот клуб во Благоеврад.

Истовремено, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски изразува жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент.

- Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции, потенцира Пендаровски.

Претседателот на Републиката воедно на припадниците на полицијата и надлежните органи им честитам за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали.

- Исто така, сакам да се осврнам и на изјавата на поранешниот амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, а сегашен пратеник во Европскиот парламент, Александар Јорданов, која содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот парламент. Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи, вели шефот на државата.

Според Пендаровдки, за жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие.

- За ваквите негаторски испади, очекуваме навремена и соодветна реакција на официјална Софија, додава претседателот Пендаровски во реакцијата. сп/

 

Остани поврзан