• среда, 27 ноември 2024

Реакции на српската опозиција на најавата на претседателот Вучиќ за организирање предвремени избори дури во март

Реакции на српската опозиција на најавата на претседателот Вучиќ за организирање предвремени избори дури во март

Белград, 18 септември 2023 (МИА) –По вчерашната најава на претседателот Александар Вучиќ дека до крајот на годината, 31 декември ќе распише избори, кои би можеле да се одржат на 4 март, во Србија денес со реакции се јавија повеќе опозициски партии, јави дописникот на МИА од Белград.

Пратеникот од партијата Зелено-левиот фронт Радомир Лазовиќ, изјави дека опозицијата не сака да навлегува во лицитацијата со датумот на изборите, дека барањето на опозицијата е јасно и дека бараат вонредните белградски и парламентарните избори да се одржат пред крајот на годината.

-Претседателот рече да кажеме кога сакаме избори и дека ќе ги имаме. Еве, рековме - избори до крајот на годината за градот Белград и парламентот. Единствено што мислам е дека тој повторно бега од овие избори, се крие, бара начини за манипулирање со јавноста.Топката е во негов терен, очекуваме одговор - избори до крајот на годината, рече Лазовиќ за Бета.

Пратеникот и лидер на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ изјави дека доколку Вучиќ не распише избори за декември, ќе ги повика граѓаните „да излезат на улица во октомври, пред Собранието и да се изборат за своите барања“.

-Александар Вучиќ со нови претстави ги замајува граѓаните со приказни за намалувањата на саламите паризер, а Србија денес е трета земја во Европа по раст на цените, дивее инфлацијата, имаме најскап дизел, а стандардот на живеење е катастрофа, изјави Алексиќ за ТВ Пинк.

Шефот на пратеничката група на Народната партија Стефан Јовановиќ изјави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ одговорил на непостоечко барање изборите да се одржат во понеделник на 4 март 2024 година, бидејќи, како што рече , никој не го побарал тоа.

-Невообичаено е изборите да се одржат во понеделник, а крајно невообичаено е Вучиќ да одговори на непостоечко барање, но да оставиме на Вучиќ да се занимава со лошиот хумор и неуспешните шеги во неговите континуирани обраќања до граѓаните, бидејќи кој што прави, тој само се обраќа секој ден по цел ден, па веќе не ни знае што зборува, изјави Јовановиќ за агенцијата Бета. об/сд/

Остани поврзан