Рама бара суверена држава на Бекташите во Албанија, по примерот на Ватикан
- Според него поддршката на неговата земја за овој проект се заснова на истите принципи кои отсекогаш ги имало во изјавата на Мајка Тереза, дека „не сите можеме да правиме големи работи, но малите работи можеме да ги правиме со голема љубов“.
Тирана, 23 септември 2024 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама, во говорот на 79-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, се задржал и на претходно изнесената негова идеја, Центарот за светски поредок на Бекташите да се трансформира во „суверена држава во Тирана, која ќе функционира по примерот на Ватикан“.
Според него поддршката на неговата земја за овој проект се заснова на истите принципи кои отсекогаш ги имало во изјавата на Мајка Тереза, дека „не сите можеме да правиме големи работи, но малите работи можеме да ги правиме со голема љубов“.
-Мора да имаме храброст да признаеме дека во последно време нашите постапки честопати беа далеку од очекувањата на народите за кои тврдиме дека им служиме. Одвреме-навреме, ОН не успеаја да ги исполнат надежите на нашиот народ, а стравот од иднината расте насекаде, на исток и запад, на север и на југ, додека кризите нè паѓаат. Овие кризи уништија заеднички јазик, дополнително не растргнаа, а сепак ги потрошивме можностите што ни ги даваше секоја криза. Како да почнеме да ја градиме таа доверба? Како да докажеме дека мултилатералната акција не е празен збор, туку моќта што навистина може да ги реши предизвиците, како да докажеме дека нашата колективна моќ не само што е поголема, туку и единственото решение што го имаме за да го спасиме човештвото од колапс, речe Рама, објавија медиумите.
Тој додаде дека Албанија можеби е мала земја, но на светот му дала добри примери.
-Тоа го покажавме со Евреите, со Авганистанците, на светот му ја подаривме најмладата светица, Мајка Тереза, чиј живот ја олицетворуваше љубовта кон човештвото, не потсети дека не сите можеме да правиме големи работи, но малите работи можеме со големо љубов. Ова е принципот за кој се залага Албанија, тоа е она со што сакаме да дејствуваме, ова е изворот на нашата инспирација, да ја поддржиме трансформацијата на Центарот на бекташкиот светски поредок, во суверена држава во Тирана, како нов центар и мирна толеранција, нагласил Рама.
Баба Монди, кој е врховен водач на Бекташите, шиитско суфиски ред основан во 13 век во Турција, но сега е со седиште во Албанија, изјави дека ја поздравува оваа иницијатива чија цел е да го признае редот на Бекташи како независна, самоуправна држава - посветена на одржувањето на својата вековна традиција на умереност и духовна вклученост.
-Оваа иницијатива е историски чекор во заштитата на традицијата, таа не е за самоопределување, ниту бараме влијание или политичка моќ. Наместо тоа, бараме слобода да ја продолжиме нашата вековна традиција на духовна умереност и религиозна вклученост. Новата држава нема да има друга цел освен духовно лидерство, нагласи тој.
Реагираше и лидерот на опозициската Демократска партија и поранешен албански премиер и претседател Сали Бериша, кој порача дека „создавањето на суверена бекташка држава не е за верниците, туку за самиот премиер Рама“.
Поздравувајќи ги верниците Бериша рече дека треба да внимаваат на овој проект на премиерот Рама, бидејќи според него, ова го прави за да ги оттргне мислите на граѓаните од измами и од антиалбански ставови.
Според пописот од 2023 година, во Албанија како Бекташи се изјасниле 115.600 илјади од 2.402.113 жители на земјата. вт/сд/