• среда, 25 декември 2024

Работилница на тема „Етаблирање на Innocence Projects и правните клиники како позитивни модели за подобрување на пристапот до правдата во Северна Македонија“

Работилница на тема „Етаблирање на Innocence Projects и правните клиники како позитивни модели за подобрување на пристапот до правдата во Северна Македонија“
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - Во Здружението на судии денеска се одржува научно-стручна работилница на тема „Етаблирање на Innocence Projects и правните клиники како позитивни модели за подобрување на пристапот до правдата во Северна Македонија“, што се организира во соработка со Правниот факултет во Загреб и Хрватската фондација за наука, во рамки на проектот „Проект на невиновност во Хрватска“. Судијата во Врховниот суд и претседател на Здружението на судии, доцент д-р Џемали Саити, во своето воведно обраќање истакна дека проектот за невиновност претставува една потреба која треба да се имплементира во сите држави, особено во државите кои тежнеат кон демократските движења. - Во соработка со сите правни факултети кои се денеска присутни, особено со претставниците на Хрватскиот правен факултет, скопскиот и тетовскиот факултет и особено судиите кои треба да бидат носители, односно ментори на целиот овој проект, а на крајот и корисници на плодовите на овој проект, во насока на имплементација на добрите практики за погрешно осудените лица, односно невини лица кои се осудени во Република Македонија, се надевам дека сите учесници се валидни репрезенти и ќе можат да направат валидна демонстрација на потребите и насоките по кои евентуално би се движела оваа активност, рече тој. Хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ истакна дека соработката во правосудството е една од клучните инстанци во нашиот однос, а Хрватска како членка на Европската Унија е една од најактивните држави членки во земјава во пренос на знаењата и искуствата од пристапниот процес. - Не треба да зборуваме колку е овој ресор клучен, тоа е столб на секое општество. Правда, невиновност, тоа е нешто на што Хрватска како држава членка веќе осма година работи. Тоа е процес и показател на зрелост и демократија на секоја држава, рече таа. Како што информираше асистентот на катедрата за казнено право на Правниот факултет во Загреб, м-р Андреј Божиновски, овој проект има за цел да ги истражи наводите дали има можност погрешно осудените лица на просторот на Западен Балкан, да добијат втора шанса, односно шанса за второ судење со цел нивниот предмет повторно да се разгледува врз база на дополнителни ДНК вештачења. - Ова се проекти кои што служат како коректор таму каде што судот и обвинителството направиле грешка при процената, рече тој. На работилницата учествуваат повеќе судии како и претставници од правните клиники од државава. ар/сп/

Остани поврзан