• недела, 28 јули 2024

Пуштена во употреба нова пумпна станица за Фалише и Сараќино

Пуштена во употреба нова пумпна станица за Фалише и Сараќино

Тетово, 12 јули 2023 (МИА) - Од денеска во употреба е новата пумпна станица во тетовско Фалише со која се обезбедува вода за пиење од две бушотини. Со оваа вода ќе се снабдува населението во Фалише и Сараќино.

До градбата на оваа станица дојде со оглед на децениските проблеми со водоснабдување во овие две села поради дотраениот водоснабдувачки систем со кој вода се обезбедуваше од Палчиште. Во февруари година се појави дефект поради кој со недели немаше вода, па Општина Тетово се одлучи на подолготрајно решение.

- Задоволни сме што конечно ќе пуштиме во употреба овој систем за снабдување со вода на две села Фалише и Сараќино. На овие две села ќе им обезбедиме вода за пиење 20 литри во секунда без прекин. Досега постојниот систем беше со постојни проблеми од бунарот во атарот на село Палчиште. Последно што се јави како дефект се обидовме да го санираме но не успеавме. Затоа се покажа како неопходно оваа инвестиција. Оваа инвестиција како и други инвестиции доаѓаат како донација од приватен сектор со што им благодариме, затоа што им излегуваат во пресрет на граѓаните на Тетово со вакви неопходни и ургентни инвестиции за интервенции имајќи предвид дека Општина Тетово сè уште е блокирана и не може да излезе во пресрет во вакви ситуации. Затоа и на овие деловни субјекти и на другите им благодариме за поддршката што ја даваат на Општината и граѓаните, изјави градоначалникот Биљал Касами.

Д-р Ратко Давидовски, советник во Советот на Општина Тетово, а воедно специјалист во Центарот за јавно здравје потенцираше дека овој систем ќе има континуирана дезинфекција со соодветни машини, а пумпната станица има заштитна ограда.

-Овде имаме контролирана вода којашто е дезинфицирана и за наредните 20 години ќе биде како што треба. Од Сараќино имаме поплаки дека на повисоките катови немаат доволен притисок, но и тоа ќе се реши со редуктор како техничко решение. Ако го зголемиме сега притисокот ќе почнат да пукаат цевките и ќе има дефект. Со нашите амандмани беа предвидени средства во буџетот од 20 илјади евра токму за изградба на овој водоснабдувачки објект. Но како што знаете блокирана е општината и мораме да се снаоѓаме, благодарејќи на градоначалникот мораме да се снаоѓаме со донации, да изградиме ваков убав објект, рече Давидовски.

Тој посочи дека истражувањата на Центарот за јавно здравје покажале 67 отсто неисправна бактериолошка неисправност во руралните места на водата и затоа е потребно како во Фалише да има постојана дезинфекција.

-Основно нешто е да се воведе вака прва заштитна зона, да биде обезбедена и да се воведе континуирана дезинфекција. Чим ги наоѓаме резултатите дека се позитивни односно не одговараат на прописите, постојано им укажуваме да се воведе дезинфекција. Овде гледате дека дезинфекцијата работи на струја. Мора да се воведе континуирана дезинфекција. Безбедна вода за пиење во доволна количина, удобна за користење, според Светска здравствена организација тоа е дефиницијата за водата за пиење, истакна Давидовски.

Пумпната станица има две бушотини, од кои едната е од пред 15-тина години со пет литри вода во секунда, а втората е нова која сега се направи и обезбедува 15 литри вода во секунда. ас/ир

Фото: МИА

Остани поврзан