• среда, 27 ноември 2024

Путин: Руски научници се блиску до создавање вакцина против рак

Путин: Руски научници се блиску до создавање вакцина против рак

Москва, 15 февруари 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин на технолошки форум во Москва вчера изјави дека научници од Русија се блиску до создавање вакцина против рак што наскоро би можела да биде достапна за пациентите.

- Руските научници се многу блиску до создавање вакцини за рак и имуномодулаторни лекови од новата генерација. Се надевам дека наскоро делотворно ќе се користат како методи за индивидуална терапија, изјави Путин.

Тој не појасни на кои видови рак ќе делува вакцината и на кој начин.

За време на пандемијата на Ковид-19, Русија разви и своја сопствена вакцина „Спутник V“ против коронавирусот и ја продаде во голем број земји, иако наиде на широко распространето јавно противење за вакцинација во земјата. Самиот Путин изјави дека бил вакциниран со „Спутник“, обидувајќи се да ги убеди луѓето во безбедноста и делотворноста на лекот.

Бројни земји и компании во светот работат на вакцини против рак. Владата на Обединетото Кралство на пр. лани потпиша договор со германската компанија „Бионтек“ за почеток на клинички испитувања, заради „персонализиран третман за рак“, со цел да се допре до 10.000 пациенти до 2030 година.

И фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“ развиваат експериментална вакцина против рак, за којашто испитувањата засега покажуваат дека наполу ја намалува шансата за меланом - најсмртоносниот рак на кожата, да се врати по три години третман. Во мигов, инаку, има шест лиценцирани вакцини против хуман-папиломавирусот (ХПВ), којшто предизвикува неколку видови рак, вклучувајќи го и канцерот на грлото на матката, според Светската здравствена организација, како и вакцина против хепатитис Б (ХБВ) што предизвикува рак на црниот дроб.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан