• среда, 27 ноември 2024

Протест на здравствените работници за повисоки плати

Протест на здравствените работници за повисоки плати

Скопје, 22 февруари 2023 (МИА) - Здравствени работници во Скопје и во останатите градови низ државава, Штип, Куманово, Македонска Каменица, Делчево, Тетово,... претпладнето на протест во тек на паузата побараа покачување и исплата на платите без доцнење, усогласување со промените на минималната плата, потпишување колективен договор, подобри услови за работа и задржување на медицинскиот кадар во земјава...

-  Упадот со нацрт законот за плати, во колективните договори, може да значи укинување или намалување на правата работниците пропишани  согласно овие колективни договори. За година од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри, се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март, уште повеќе ќе ги доближи другите профили до профилот медицинска сестра, изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар Скопје. 

Еден искусен технички персонал со подолг стаж, укажа таа, ќе зема поголема плата од медицинска сестра. Да не бидам погрешно разбрана. Дефицитот не е само во здравствените работници туку и во другите профили.Таа информираше дека е голем одливот на медицински сестри и како што рече,  пет до шест илјади ја напуштиле земјава последниве три до пет години.Согласно податоците од Комората на лекари, како што беше нагласено на протестот пред Клиничкиот центар, 2 200 лекари во последните три години ја напуштиле државата. Русе Пецаноски од овој синдикат истакна дека протестот е израз на незадоволство поради тоа што за три години, платите биле покачени само пет проценти. Негодување, како што рече, имало и поради пензионирања на околу 180 врвни стручни лица кои немале право да продолжат со работа.Пораки за зголемување на платите беа упатени и на протестот пред ГОБ „8 Септември".- Да го изразиме незадоволството поради доцнењето на платата, бидејќи доцнеше платата. Продолжуваме со притисокот, незадоволни што се уште не е потпишан анексот за покачување на платите во здравствената дејност. Тоа е основата на протестот, да го свртиме вниманието на надлежните, информираше Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ. 

Директорот на Клиничка болница- Штип, Ален Ѓеорѓијев по денешниот протест на здравствените работници во кругот на болницата истакна дека ги поддржува барањата.

Посочи дека платата на вработените е веќе исплатена, што се однесува за линеарното зголемување од 2.700 денари очекува тоа да се случи, откако ќе се назначи новиот министер за здравство.                           

- Протестот од страна синдикатот беше уредно најавен пред два дена, се одржа за време на паузата и немаше никаков проблем, вели Ѓеорѓијев. бд/вдј/

ФОТО МИА

Остани поврзан