Пропадна состанокот во Брисел меѓу Украина, Унгарија и Словачка за нафтоводот „Дружба“
- Трилатералните енергетски разговори меѓу Унгарија, Словачка и Украина, кои требаше да се одржат денеска во Брисел, се откажани бидејќи украинската страна не се согласи да учествува.
Брисел, 16 март 2026 (МИА) - Трилатералните енергетски разговори меѓу Унгарија, Словачка и Украина, кои требаше да се одржат денеска во Брисел, се откажани бидејќи украинската страна не се согласи да учествува. Веста ја потврди унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој рече дека Унгарија ќе се брани и покрај тешкотиите.
Сијарто објави на социјалната мрежа X дека состанокот на министрите за енергија на трите земји пропаднал поради одбивањето на Украина. „Трилатералните разговори со словачкиот и украинскиот министер за енергија првично беа закажани за денеска, но Украинците на крајот не сакаа да учествуваат, дури ни тука во Брисел“, напиша тој.
Унгарскиот министер нагласи дека ова не е прв ваков случај. „И ова се случува откако делегација од унгарското Министерство за енергетика помина три и пол дена во Киев обидувајќи се да договори дијалог“, додаде тој. „Тие ги отфрлаат сите наши барања за состанок, и во Киев и во Брисел, а дури не им дозволуваат ни на инспекторите на ЕУ да дојдат на местото“, објасни Сијарто.
Според него, постапките на украинската страна укажуваат на политички мотиви. „Затоа, јасно е како ден дека Украинците не го ставаат во употреба нафтоводот 'Дружба' само од политички причини, иако е технички и физички подготвен за работа“, тврди тој.
Сијарто рече дека Унгарија е подготвена за такво сценарио. „Без разлика што ќе се обидат, ние ќе се браниме. Имаме резерви од 86 дена затоа што добро управуваме со ресурсите и ги држиме цените на горивата под контрола. Но сите треба да запомнат како Украинците се однесуваат кон нас“, заклучи тој.
Протокот на нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“ до Унгарија и Словачка беше прекинат на 27 јануари. Киев како причина ги наведува штетите на нафтената инфраструктура во градот Броди во регионот Лавов. Од друга страна, унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот словачки колега Роберт Фицо тврдат дека Украина ја користи ситуацијата за да создаде политички притисок. Украина ги отфрла ваквите обвинувања и вели дека работи на санирање на штетите.
Советот за надворешни работи на ЕУ исто така денеска се состанува во Брисел почнувајќи со видеоповик со украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха. Главни теми ќе бидат руската агресија врз Украина, ситуацијата на Блискиот Исток и односите со јужното соседство. Пред официјалниот дел министрите неформално ќе разговараат за предлогот за европска безбедносна стратегија. мс/сд/
фото: Архива