• сабота, 23 ноември 2024

Промоција на романот „Деца“ на Милена Марковиќ во Скопје

Промоција на романот „Деца“ на Милена Марковиќ во Скопје

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Познатата авторка на драмски текстови, сценарија и поетски книги Милена Марковиќ од Белград, денеска во Скопје ќе има промоција на нејзиниот роман „Деца“, за кој ја освои 68. НИН-ова награда за Роман на годината во Србија во 2021 година.

Книгата преку разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска. Изданието е на ПНВ Публикации и беше поддржано од Министерството за култура на Република Србија, а преводот од српски на македонски е на Сашо Огненовски.

Познатиот новинар и критичар Теофил Панчиќ за романот „Деца“ ќе каже: „Не можам да замислам читател кој по ова дело би можел да излезе непроменет – читањето на оваа книга за секој читател ќе биде егзистенцијално искуство, луѓето ќе паметат кога и каде ја читале оваа книга.“

Писателот Миљенко Јерговиќ, пак, изјави: „’Деца‘ е поема за осуетеното, вечно недовршено растење, моќна, во нашите јазици неспоредлива, најголема книга за женскоста, за мајчинството, ќеркинството и синовството... опасен роман за историјата, за онаа за нас најважна и трауматична, која потекнува од Втората светска војна, продолжува низ осумдесеттите, па деценијата на нашето растење, и нѐ прегазува во текот на деведесеттите.“

Најпознати дела на Милена Марковиќ се сценариото за серијата „Мочуриште“, како и текстовите за претставите „Павилјони, каде одам, од каде доаѓам и што има за вечера“ и „Брод за кукли“, што во моментов се на редовниот реперотар на Народниот театар Битола.

Таа е редовна професорка на Факултетот за драмски уметности во Белград. За нејзините поетски книги ги има освоено наградите: „Борисав Михајловиќ Михиз“, „Милош Црњански“, „Тодор Манојловиќ“, „Билјана Јовановиќ“, „Ѓура Јакшиќ“ и „Перо Деспота Стефана“. Напишала повеќе драми коишто со голем успех биле изведени на домашни и на меѓународни сцени, покрај горе споменатите, се и: „Ливада полна темнина“, „Петте животи на претажниот Милутин“, „Шини“, „Наход Симеон“, „Шумата блеска“, „Жица“ и „Убијци на змејови“.

Добитничка е на специјална награда во Виена за најдобра драма од екс-ју просторите и на три стериини награди за најдобар текст за драмите: „Наход Симеон“ во 2007 г., „Брод за кукли“ во 2009 г. и „Убијци на змејови“ во 2015 г.

Наградени се и нејзините сценарија за играните филмови: „Утре наутро“ (2006), „Бел, бел свет“ (2010) и „Татковина“ (2015), како и за
документарниот филм „Рударска опера“ во 2005 г.

Промоцијата е закажана за во 20 часот во бифето на Младинскиот културен центар ‒ Скопје. вг/лв/

Фото: Плакат

Остани поврзан