• среда, 25 декември 2024

Промоција на истражувачка студија за справувањето со пожари

Промоција на истражувачка студија за справувањето со пожари
Скопје, 15 јули 2022(МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше на промоцијата на истражувачка студија „Анализа на кризната состојба и справувањето во Република Северна Македонија низ призма на функционалноста на системот за управување на кризи и заштита и спасување“. Во своето обраќање пред присутните во амфитеатарот на Факултетот за безбедност, Спасовски посочи дека оваа научно-истражувачка студија во која има статистичко - аналитичка документаристика, може да даде конкретни насоки кон едно стратешко конципирање на целокупниот системот на кризниот менаџмент во сите негови фази - превенирање, планирање, реагирање, спасување и санирање на последиците од пожарите како закана особено изразена во последниве две декади не само кај нас туку и во глобални рамки. - Сите ние искуствено низ призмата на пожарите што минатата година се случија со опасна динамика во тек од неколку недели, знаeме дека ниту една институција сама, изолирано не може и не смее да се впушта во менаџирање на таков кризен процес, особено ако неговиот загрозувачки потенцијал е од таков голем обем, истакна Спасовски. Во тој контекст Спасовски потсети и на полициското делување во случајот со неодамнешниот пожар во Тетово, кога припадниците на Хеликоптерската единица при МВР активно учествуваа во гаснењето на опожарениот магацински објект. - Водени од нашите согледувања и анализи, но и од нашата примарно законска обврска да бидеме сервис и гарант на сигурноста и безбедноста на сите наши граѓани, по однос на заканите од пожари успеавме во рамки на Одделот за воздухопловни единици да обезбедиме нова и соодветна опрема исклучиво наменета за делување при гаснење на пожари, а проследено со едукативно-тренажен процес за оспособување на нашите полициски службеници за ефектно и квалитетно користење на истата, дополни министерот, нагласувајќи ја подготвеноста на припадниците на МВР за справување со ситуации од овој тип. Спасовски, упатувајќи честитки до авторите за посветеноста и вложениот труд, изрази убедување дека оваа студија ќе го заземе своето место во заедничките напори за суштинско подигање на сите стандарди на функционирање на кризното делување и секако во конципирање на еден подолгорочен и поквалитетен систем за заштита и спасување во служба на граѓаните. ир/сп/

Остани поврзан