• среда, 25 декември 2024

Промоција на здрав живот со ревијалната трка „Вози право, вози здраво“ во Скопје

Промоција на здрав живот со ревијалната трка „Вози право, вози здраво“ во Скопје

Скопје, 28 мај 2023 (МИА) - Велосипедисти, лица на ролерки и тротинети, како и мајки со детски колички земаа учество на ревијална трка „Вози право, вози здраво“ која што по седми пат се одржа денеска во Скопје. 

Со ревијалната трка „Вози право, вози здраво“ во Скопје, целта е да се промовира здрав живот и чиста средина, изјави за МИА Јасмина Добрашевиќ Костова, еден од организаторите на настанот.

Трката започна од 11 часот од Порта Македонија, а целта е кај фонтаната во Градски парк. Како што појасни Добрашевиќ Костова, станува збор за ревијална трка и не е важно кој ќе пристигне прв на целта, бидејќи нема победници.

- На целта во Градскиот парк нѐ очекуваат „Пет плус фамилија“, имаме диџеј, програма и многу богата лотарија. Очекуваме во парк да се собереме околу 10.000 - 11.000 учесници, односно посетители на настанот. Имаме и бебиња, доаѓаат мајки со колички, имаме и таква категорија, потоа возрасни велосипедисти, деца велосипедисти, лица на ролери, на тротинети. Од најмали, до најстари. Целта на трката е промоција на алтернативниот транспорт, да го ослободиме градот од возила, додаде таа во изјава за МИА.

Станува збор за седми ваков настан.

- По секој настан, заедно со Град Скопје се спроведуваат донации, нагласи Добрашевиќ Костова.

Таа, меѓу другото, потсети дека го опремиле градот со паркинзи за велосипеди, средни училишта добиле паркинзи за велосипеди, биле поставени станици за поправка на велосипеди на повеќе локации низ градот, па и низ државата. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан