• среда, 17 декември 2025

Промоција на здрави животни навики и локални бизниси преку „Вози велосипед, уживај и профитирај“

Промоција на здрави животни навики и локални бизниси преку „Вози велосипед, уживај и профитирај“

Охрид, 3 јуни 2025 (МИА) - Возење велосипеди со реклами од локални бизниси, како едноставен, но, моќен концепт, кој може да внесе свежина во рекламирање на бизнисите и промовирање на здравите животни навики беше целта на денешниот настан „Вози велосипед, уживај и профитирај“.

Настанот го организираше Здружението за едукација, култура и младински активизам „Граѓански интегритет – Охрид“, со поддршка од Општина Охрид и локалните бизниси по повод Светскиот ден на велосипедизмот.

- Оваа година имаме малку изменет концепт, имаме и хуманитарен дел, наменет за настраданите од несреќата во Кочани. Со овој проект сакаме да испратиме порака до сите љубители на велосипедизмот, претставници од фирми, ученици и воопшто до сите граѓаните за практикување на здравите животни навики. Луѓето едноставно да се научат да го применуваат овој иновативен маркетинг, кој понатаму се надеваме во идните години ќе прерасне во традиција за еден нов маркетинг концепт, што ќе го применат и фирмите и институциите. Во суштина да можат сите да го користат велосипедот како превозно средство, како средство кое навистина им гарантира здрав начин на живот во иднина, истакна професорката Весна Карамитре, од Здружението „Граѓански Интегритет – Охрид“.

Теодора Спироска, ученик во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и учесник во настанот, истакна дека годинава има голема заинтересираност кај соучениците.

- Имаме многу поголема заинтересираност година за разлика од лани. Учениците беа многу задоволни и годинава се пријавија во уште поголем број. Голема е важноста од организирање на вакви настани за нас младите, зошто пред се се дружиме, а потоа и промовираме, рекламираме. Оваа година имаме ставено акцент на хуманоста. Има околку 100 учесници, меѓу нив ученици од нашето училишта, од другите училишта, наставници, претставници од фирми…, рече Спироска.

Дафина Стефаноска, претставник од Халк осигурување истакна дека како општествено одговорна компанија учествувале и поддржувале секогаш вакви настани за промоција на бизнисите со еколошки решенија.

- Ова е всушност едно иновативно решение за натамошно рекламирање на самите бизниси во Охрид и пошироко во Македонија, потенцира Стефаноска.

Настанот го отвори директорот на училиштето Ристе Јанкоски кој рече дека огромно е задоволството да се биде прво средно вело училиште, потенцирајќи ја важноста на бизнис идеите и нивната реализација.

- Настанот нуди промоција на здрави животни навики преку мобилна реклама на велосипеди.

Истовремено се промовира и хуманоста преку собирање средства за настраданите лица во несреќата во Кочани. Со овој настан упатуваме порака кон нашата младина за здрави животни навики, истакна Јанкоски.

Пред почетокот на турата со велосипеди, велосипедистите кои беа придружени од претставници на СВР Охрид, погледнаа демострација на основни и напредни технологии на одржување на велосипедите од страна Јован Јованоски, од велосипедскиот клуб „Еко дром“. сс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан