• петок, 08 ноември 2024

Продолжува националниот мамографски скрининг – изготвена патека за упатување и третман на суспектните жени

Продолжува националниот мамографски скрининг – изготвена патека за упатување и третман на суспектните жени

Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Министерството за здравство од 1 ноември продолжи со националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка, имајќи предвид дека за време на ковид пандемијата беше отежнат пристапот до оваа дијагностичка процедура.

-Целна популација на скрининг програмата се жените на возраст од 45 до 69 години, кои не извршиле преглед во изминатите две години, или никогаш не направиле мамографски преглед, информираат од Министерството.

Мамографско снимање, односно скрининг мамографија, во моментот се врши во следните ЈЗУ:  Универзитетски  институт за радиологија,  ГОБ „8-ми Септември“, Универзитетска клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски, Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Штип, Клиничка болница Битола , Општа болница со проширена дејност Кавадарци, Општа болница со проширена дејност Гевгелија, Општа болница со проширена дејност Кочани, Општа болница Охрид, Општа болница Велес, Здравствен дом Скопје - поликлиника Букурешт и поликлиника Чаир, како и во Здравствен дом Радовиш.

-Закажувањето почна со жени на возраст од 45 години. До сите се испратени СМС пораки на бројот со кој се евидентирани во системот Мој термин. Во пораките кои се испратени - се дадени насоки и како да откажат или да го преместат терминот, доколку за тоа имаат потреба, велат од МЗ.

Исто така, кај матичните лекари е изработен посебен модул во кој тие може да ги видат информациите за своите пациентки (дали им е закажан преглед и кога), за што дополнително ќе бидат информирани сите матични лекари по пат на е-маил известување од Управата за електронско здравство. 

-Сите учесници во скринингот може да ги видат закажаните пациентки во своите центри. Во скрининг програмата за дојка може да се пријават жени на возраст од 40 до 44 години, доколку имаат позитивна семејна анамнеза кај еден или повеќе членови во семејството, и тоа со: рак на дојка, овариуми, дебело црево или панкреас. За жените во скрининг, кои имаат потреба од дополнителни прегледи е овозможено радиологот да издава упат за ехо преглед, биопсија, торакална хирургија  и тоа е најбрзиот пат од суспектен карцином до операција, велат од Министерството. 

Ова значи дека жените со потврден карцином на биопсија во рок од една недела од изготвениот радиолошки извештај и хистопатолошки наод според патеката ќе се упатуваат на торакална хирургија со упат од специјалист радиолог, за што Управата за електронско здравство креира амбуланта за жена од скрининг програмата. 

-За жените, пак, кои сакаат да направат мамографија и ехо или имаат потреба пред и по операција или онколошка терапија, Националната комисија при МЗ направи патека како жената да стигне на преглед, со цел жената да стигне соодветно на ехо и мамографија согласно здравствената состојба, соопштуваат од МЗ.

Согласно податоците од електронската евиденција на  Управата Мојтермин, во ГОБ „8 Септември“ во октомври се закажани вкупно 149 термини за дијагностика, од кои 94 се реализирани , а 55 жени закажаниот термин не го искористиле. Исто така, во Здравствен дом  Скопје- Поликлиника  Букурешт за месец октомври, од закажани  208 термини за мамографија, реализирани биле 173 термини, додека 35 жени закажаниот термин не го искористиле.

-Инаку, преку скрининг програмата дополнително се овозможуваат термини за прегледи на навидум здрави жени и тоа  во истите болници каде има и паралелно  термини за дијагностика. При што, вкупно, во ноември им е овозможено на 2.499 жени да направат мамографски преглед со скрининг програмата. Од 1 до 10 ноември, 2022 година, вкупно се закажани 963 жени за мамографија, а од нив терминот го искористиле вкупно 390 жени, додека закажаниот термин не го искористиле вкупно 573 жени, известуваат од МЗ.ир/са/

Остани поврзан