• недела, 17 ноември 2024

Продолжува генералниот штрајк на синдикатот на Државниот испитен центар

Продолжува генералниот штрајк на синдикатот на Државниот испитен центар

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Синдикатот на Државниот испитен центар денеска соопшти дека го продолжува генералниот штрајк, кој беше ставен во мирување во мај оваа година.

-Вработените во ДИЦ излегоа во пресрет на матурантите и во многу кратки рокови со натчовечки напори ја реализираа навремено и успешно државната матура како и другите процеси и активности во надлежност на ДИЦ. Надлежните институции кои беа задолжени да најдат решение за нашиот долгогодишен проблем  со платите потфрлија, се вели во соопштението на СОДИЦ.

Оттаму потенцираат дека во овие седум месеци откако штрајкот беше ставен во мирување, ДИЦ беше во континуирани преговори со Министерството за финансии при што беа предложени и доставени на одобрување повеќе можни решенија, но ниту едно не беше прифатено.

Како што информираат, активности кои се спроведуваат во овој период во ДИЦ, а чија реализација ќе биде доведена во прашање се стручниот испит за наставници и стручни соработници (пријавени 700 кандидати), основната обука за кандидати за директори, напредните обуки за директори, меѓународните тестирања.

-Доколку овој проблем не се реши повторно ќе биде доведена во прашање и државната матура која со своите активности започнува од 1.1.2024 година. Однапред им се извинуваме на сите лица кои ќе имаат потреба од услугите на Државниот испитен центар а кои со штрајкот ќе им бидат ускратени, потенцираат од СОДИЦ. бт/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан