• петок, 05 декември 2025

Прилеп прогласена за најинклузивна општина

Прилеп прогласена за најинклузивна општина

Прилеп, 3 декември 2025 (МИА) - Со признанието „Најуспешна општина во инклузијата“ Прилеп денеска го одбележа меѓународниот ден на лицата со попречености. Пригодни свечености се одржаа во Дневниот центар за лица со попреченост „Ѕуница“ и во киното „Мис Стон“.

Прилеп располага со два дневни центри во кои се згрижени 28 лица со попречености: Дневниот центар „Ѕуница“ и дневниот центар за лица со церебрална парализа.

- Прилеп доби сертификат и е прогласена за најинклузивна општина. Горд сум на ова признание зашто значи дека сме направиле чекори напред во подобртување на околностите во кои живеат лицата со попреченост, особено со децата кои имаат посебни образовни потреби. Тука сме најактивни. Како општина направивме исчекор за ангажирање образовни адсистенти и во средното образование и пред законските обврски. Ангажираме образовни асистенти од буџетот на Прилеп. Во програмата за 2026 година планираме да реализираме голем настан на ниво држава за лицата со попреченост и планиран е напролет, во мај, изјави прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски при свеченоста во дневниот центар „Ѕуница“.

Во Прилеп работат 52 образовни асистенти, од кои 44 се во основното образовани, а 8 се во средното, но се покриваат потребите, иако не е наодмет да се ангажираат уште образовни асистенти. Капацитетите се полни и секогаш има можност за нивно проширување.

-Одбележувањето на денот на лицата со попречености го почнавме во понеделникот со низа активности. Во текот на вчерашниот ден во прилепското основно училиште „Добре Јованоски“ се одржа спортски настан со поддршка на невладината Центар за едукација и развој од Прилеп и со Центарот за спорт од Италија со седиште во Бари. Потреба секогаш има за проширување на капацитетите на двата дневни центри во Прилеп, рече Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјална работа од Прилеп.

Дневниот центар „Ѕуница“ работи 23 години и досега згрижил 60-тина лица со попреченост. Доколку се зголеми персоналот, би можеледа згрижат повеќе од сегашните 14 корисници.

-Вклучени се лица со тешка и најтешка попреченост, а се вклучени и лица со аутизам. Моменталната бројка на корисници е 14 и се надеваме дека во 2026 година ќе вклучиме и други корисници, доколку се зголеми персоналот. Моментално, како  персонал ги задоволуваме потребите на корисниците. Имаме социјален работник, дефектолог, две медицински сестри и две лица технички персонал. Исто така, постојано имаме поддршка од општината со стручни лица од општествено одговорни компании. Имаме поддршка од волонтери, по потреба и од Црвениот крст. Досега имало 60-тина корисници. Дел од нив се инклузирани во основни и во средни училишта, дел се вработѕени во заштитни друштва, објаснува Снежана Јошеска, социјален работник и координатор на дневниот центар „Ѕуница“ од Прилеп. ем/бк/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан